За 11 дена завршува Јавниот повик за купување државно земјоделско земјиште под оранжерии, соопшти денеска Министерството за земјоделство.
Како што изјави Трајан Димковски, шеф на кабинет во МЗШВ, многу е важно земјоделците заинтересирани за откуп, во потребната документација да достават и проценки за вредноста на земјиштето направени од Бирото за судски вештачења.
– Сите сопственици на оранжерии заинтересирани да го откупат земјиштето, да го запазат рокот, 18 август, и да достават комплетна документација. Ова е важно за Комисијата да постапи навреме и да има што поголем број прифатени понуди. Цената на земјиштето се утврдува според Методологијата за процена на пазарната вредност на земјоделско земјиште во државна сопственост под оранжерии и објекти кои се во функција на земјоделското производство, донесена кон крајот на јануари оваа година – апелира Димнковски.
На јавниот повик може да аплицираат сите што имаат легализиран објект во функција на земјоделско производство.
Ова е прв ваков јавен повик на кој се очекува барања за откуп да достават околу 40 земјоделци. Досега се поднесени само две барања.
– До крајот на годината е планирано да се објават уште два повика. Ова е нова политика за стопанисување со државното земјоделско земјиште. Ќе ги согледаме резултатите по што планираме нови огласи за продажба на земјиштето и тоа под лозови и други повеќегодишни култури – истакна Димковски.