Руското Министерство за надворешни работи соопшти дека САД треба да го исполнат ветувањето и да се повлечат од Сирија, па тогаш да кажуваат што Москва треба да прави во Венецуела.
Прво САД нека ги повлечат трупите од Сирија, па тогаш нека им кажуваат на другите каде треба или не треба да бидат, се наведува во соопштението на руското МНР.
Тоа е одговор на Москва на заканите од Вашингтон поради пристигнување на руски војници во Венецуела.
– Пред да го изнесат своето мислење за законските интереси на другите народи ја советуваме американската администрација да го исполни ветувањето што го даде на меѓународната заедница – истакна портпаролката на руското МНР, Марија Захарова.
Таа додаде дека САД се однесуваат како „каубојци во Лувр“ поткопувајќи го меѓународното право со своите „хаотични потези и непредвидливо однесување“.
Руското МНР вчера потврди дека два руски воени авиони со околу сто војници слетале во Венецуела како дел од воениот договор од 2001 година.
Вашингтон пристигнувањето на руските војници во Венецуела го оцени како „непотребна провокација“, а Русија е предупредена дека „сите опции се на маса“.
САД со месеци се закануваат со воена интервенција во Венецуела, откако опозицискиот лидер Хуан Гуидо се прогласи за привремен претседател.
ФОТО МИА