Вкупно 437 училишта во Бангкок денеска се затворени поради загадениот воздух кој го зафати градот од крајот на минатата година.
– За да се спречат сериозни здравствени проблеми кај децата на училишна возраст, засега најдобро за нив е да не доаѓаат на училиште – изјави заменик-гувернерот на Бангкок Кријањос Судлапа.
Властите во Бангкок се обидуваат да го решат проблемот, во чии рамки утре се планира да се употребат околу 50 дронови со кои ќе се прска сок од шеќерна трска, кој се користи за уништување на честички од прав.
Последниов месец, Индексот за квалитет на воздухот во Бангкок (AQI) често надминува 150 поени, што значи дека е на „нездраво“ ниво. Индексот AQI денеска изнесува 183.
Многу жители на Бангкок и денеска носат специјални маски за лице за филтрирање на честичките PM 2,5 – честички помали од 2,5 микрограми, кои можат да продрат длабоко во белите дробови и да предизвикаат смрт од срцеви заболувања, мозочен удар, рак на белите дробови, хронична болест на белите дробови и респираторни инфекции.
Локалните власти соопштија дега смогот главно е предизвикан од густиот сообраќај и градежните работи. На улиците во Бангкок моментално има околу 10 милиони возила.