Затворена железничката станица во Атина поради опсада од мигранти и бегалци

114

Поради протест и запоседнување на пругата од поголема група бегалци и мигранти, од утрово од 10 часот затворена е железничката станица во Атина, при што не сообраќаат возовите, а прекинато е и издавањето билети, соопшти грчката железничка компанија „Треносе“.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, лажната вест на социјалните мрежи дека ќе се отвори балканската рута создаде проблеми во Атина, кога бегалци и мигранти купиле билети и сакале со воз да стигнат до Солун, а оттаму до прифатниот центар Диавата, за да им се придружат на другите насобрани бегалци и мигранти и заедно да се упатат кон границата со Северна Македонија.

Неофицијално на железничката станица има околу 200 лица, претежно семејства со деца, а од претпладневно не само што ја блокираа пругата, туку поставија и шатори.

Генералниот секретар на грчкото Министерство за миграциска политика пристигна на станицата во обид да им објасни на насобраните лица дека станува збор за лажна вест и дека парите за билетите ќе им бидат вратени.

Како што претходно објави МИА, повик и лажна вест што во изминатиот период се споделуваше на социјалните мрежи дека повторно ќе се отворат границата и балканската рута за да стигнат до Европа, беше причина околу 500 бегалци и мигранти од цела Грција да се упатат кон Солун и од вчера да постават над 100 шатори и да преноќат пред прифатниот центар Диавата.

Министерот за миграциска политика на Грција, Димитрис Вицас во интервју за радиото „Практорио фм“ изјави дека бегалците и мигрантите пред прифатниот центар Диавата се жртви на дезинформации.

– Кој ја споделува оваа дезинформација? Главно ја шират криумчарите кои поради некоја причина, што никој не може да ја разбере, тврдат дека ќе биде отворена границата. Границата нема да биде отворена – изјави грчкиот министерот, додавајќи дека според неговата проценка, до вечер или до утре наутро ситуацијата ќе се нормализира.

Прифатниот центар Диавата пред кој што се поставени шаторите и се насобрани бегалците и мигрантите се наоѓа во близина на Солун, на околу 70 километри од границата со Северна Македонија.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...