На редицата необични „прашки полемики“ ѝ се придружи уште една: во Прага со денови сѐ е во сенка на смртта на чешката пејачка легенда Карел Гот, кој почина на 80-годишна возраст и кој, како што изјави претседателот на државата Земан, поврзува многу чешки генерации. Сите кои значат нешто во чешкиот јавен живот се огласија по повод смртта на големиот пејач, весниците се преполни со фељтони и со сеќавања за ликот на Карел Гот.
Веднаш се огласи и премиерот Андреј Бабиш, кој рече дека Гот ќе има државен погреб во катедралата „Свети вид“ на Храдчани, доколку неговото семејство се согласи со тоа. Владата одлучила погребниот ден да се прогласи за Ден на жалоста и чешките знамиња тогаш да бидат спуштени на половина копје. Пред семејството, од други места стигна дискретно потсетување дека во државниот протокол прецизно утврдено кому му следува државен погреб, што не би ги намалило почестите што ги заслужува прославениот пејач. Засега се знае дека телото на Гот ќе биде изложено на 11 октомври во палатата Жолфин, близу Карловиот мост, а дека реквиемот ќе биде одржан ден подоцна.
Работите уште повеќе се искомпликуваа кога неколку дена по Гот, почина и славната театарска и филмска глумица Власта Шурмастова, која била и потписник на Повелбата 77 и одиграла значајна улога во Кадифената револуција чијашто 30-годишнина се одржува идниот месец. По повод нејзината смрт се огласи претседателот на чешкиот Уставен суд Павел Ричетски, со мислењето дека ако некој ги заслужува сите државни почести, тогаш тоа е Власта Ѓумастова. Доволно за почеток на делбите во нацијата. На изјавата на Ричетски веднаш и остро реагираше портпаролот на претседателот Земан Киржи Очачек, кој рече: „Се срамам од претседателот на Уставниот суд! Со својата изјава тој само ги подгрева страстите. Зарем тој не сфаќа дека постхумно ги спротивставува двете големи ѕвезди?“
Кон ова да ја додадеме и изјавата на бившиот министер за надворешни работи Карел Шварцеберг, кој некои изјави и предлози по смртта на Карел Гот ги нарече хиенски. Него посебно го разгневи предлогот прашкиот аеродром што го носи името на првиот чешки претседател Вацлав Хавел да го добие името на Карел Гот, нарекувајќи го тоа како срамна одмазда на двајцата Клауси.
И други нешта излегоа од под тепих во врска со прашањето кој заслужува државен погреб, наспроти непобитниот факт дека големите уметници ќе бидат испратени со големи и достоинствени почести на целиот чешки народ.