Американската Влада денеска на Суд во Лондон ја почна постапката за барање за испорачување на основачот на Викиликс Џулијан Асанж од Велика Британија во САД, јави БиБиСи.
Американските власти бараат да му судат на Асанж по обвиненија за шпионажа со максимална казна затвор од 175 години поради објавувањето стотици илјадници тајни воени документи и дипломатски депешеа од 2010 година.
Според адвокатот Џејмс Ливајс, кој ја претставува американската Влада, документите на Викиликс од 2010 година се едно од најголемите „истекувања“ на тајни податоци во историјата на САД.
Од друга страна, Асанж тврди дека се однесувал како новинар, кој има право на заштита врз основа на првиот амандман во американскиот Устав.
Медиумски организации и групи за граѓански слободи, вклучувајќи ги и Амнести Интернешнал и Репортери без граници, сметаат дека обвинувањата против Асанж претставуваат преседан за слободата на медиумите.
– Тоа е напад врз новинарството. Единственото обвинение против Асанж, кое се крие зад глупоста за шпионажа, е обвинението против новинарството – изјави грчкиот пратеник Јанис Варуфакис.
Ливајс не се согласува. – Известувањето или новинарството не е изговор за криминални активности или дозвола за кршење на обичните кривични закони, оцени тој.
На почетокот на сослушувањето водено од окружната судијка Ванеса Беритсер, пред Судот протестираа десетици приврзаници на Асанж (48), кој во судницата Валвич краун беше доведен од затворот Белмарш, каде се наоѓа веќе 10 месеци.
Адвокатот на Асанж, Едвард Фицџералд изјави дека неговиот клиент не треба да биде екстрадиран во САД бидејќи таму нема да има фер судење и оти постои ризик да изврши самоубиство. Тој оцени дека испорачувањето би го изложило Асанж на нехумана и понижувачка постапка, непропорционална со казната и затворските услови. Адвокатот оцени дека барањето за екстрадиција е политички мотивирано.
Доколку Судот одлучи Асанж да биде екстрадиран, последен збор ќе има британската Влада.
На денешното сослушување присуствуваа братот и таткото на Џулијан Асанж.
Фото: МИА