Јавната администрација во континуитет се намалува, а во иднина вработените ќе се мотивираат да прифатат подобро платени, перспективни работни места во приватниот сектор, изјави премиерот Зоран Заев денеска во Гевгелија.
-Првично нејзината бројка беше 180 илјади. Се соочивме во политичка криза, не се составуваше Парламентот по изборите, му се даваше, па не му се даваше мандатот на идниот премиер, имаше ситуација дека ќе има, па ќе нема избори. Сето тоа овозможи дел од администрацијата да се намали. Кога станав премиер бројката беше 165 илјади, во моментов е меѓу 148 или 149 илјади. Таа иако се пополнува на потребните места, сепак не се пополнува со таква динамика, колку што се води сметка за нејзиното намалување – рече Заев.
Тој додаде дека се разработуваат планови за мотивација на граѓаните од јавната администрација по сопствена волја и убедување да прифатат подобро платени и поперспективни работни места во приватниот сектор.
– Сите тие алатки навремено ќе бидат презентирани, еден дел ќе ги финансира државата во одреден временски период за да можат вработените да се преквалификуваат со цел да имаат повисоки плати и поголема можност за напредување и за растење на платите и за севкупен интелектуален напредок – рече Заев.
Според него, со овие реформи никој нема да го загуби работното место.
-Бараат бизнисмените, деловните луѓе, да бидат поподготвени да дадат повисоки плати и тоа повисоки бруто плати и верувам дека сето тоа ќе биде уште една алатка и карика за нормализацијата на економските перспективи во нашата земја – нагласи Заев.
Премиерот Зоран Заев, денеска беше во посета на Гевгелија, каде што заедно со вицепремиерот Кочо Анѓушев и градоначалникот на општината Сашо Поцков извршија увид на системот за водоснабдување, а имаа и и средби со бизнис заедницата од регионот.