Заев: Со САД ја потврдуваме заложбата спомениците на светската цивилизација да бидат претставени во полна светлина

423

Археолошкиот локалитет Стоби, е сведоштво за еден жив град, за крстопат на кој се среќавале патници, трговци и граѓани на тогашните европски цивилизации, кој одушевувал со своето богатство преточено во прекрасните градби какви што биле амфитеатарот, епископските базилики, палатите на администраторите на римската империја, градскиот плоштад.

Ова го истакна премиерот Зоран Заев на завршната церемонија по повод успешната реализација на проектот „Конзервација на крстилницата од Стоби“, што се одржа во археолошки локалитет Стоби, и на која присуствуваа и амбасадорот на Соединетите американски држави, Џес Бејли, министерот за култура Асаф Адеми, како и директорот на Националната установа Стоби Спасе Перовски.

Тој нагласи дека епископската базилика заедно со крстилницата кои во стариот град Стоби го сочинуваат најзначајниот и највеличенствениот ранохристијански комплекс во Република Македонија, од денеска ќе им бидат презентирани на светот и на стручната јавност во полн сјај после реставрацијата која траеше две години и која, покрај поддршката од Министерството за култура, се реализираше и со поддршка на амбасадорскиот грант на амбасадата на САД во Република Македонија, како трет грант за локалитетот Стоби.

– Заедно со претходните 11 грантови од 2001 година наваму, поддршката од Амбасадата на САД во нашата земја, е израз на големата посветеност и грижа за поддршка за најзначајните културно-историски споменици на нашата земја какви што се црквата Света Богородица Перивлепта во Охрид, Шарената Џамија во Тетово, црквата Свети Спас во Скопје, мегалитската опсерваторија Кокино, Златковата Кула во Кратово – да спомнам само некои од нив – и ја докажува силната, заедничка, мотивација овие споменици на светската цивилизација да им бидат претставени на светот во нивната полна светлина – нагласи премиерот Заев во своето обраќање на завршната церемонија по повод успешната реализација на проектот „Конзервација на крстилницата од Стоби“.

Министерот за култура Асаф Адеми, во својот говор на оваа свеченост изрази благодарност во име на министерството за поддршката на амбасадата на САД во реализацијата на овој и на другите проекти за заштита на културно-историското наследство.

– САД се наш голем стратешки, политички, економски и културен поддржувач, и убеден сум дека нашата успешна соработка на планот на заштитата на културното наследство ќе продолжи и понатаму како пример за успешна меѓународна соработка – рече министерот за култура Адеми.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...