Премиерот Зоран Заев денеска заедно со српскиот претседател Александар Вучиќ ќе присуствува на свеченото отварање на јужниот крак на Коридорот 10 на делницата низ Грделичката клисура во Србија.
Како што е најавено од кабинетот на премиерот, Заев вечер во 20 часот ќе се обрати на свечената церемонија по повод отварањето за сообраќај на автопатот на Коридотор 10 во Грделичка клисура, кај Владичин Хан, а ќе биде придружуван од министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.
Коридорот 10 ќе го отвори за сообраќај српскиот претседател Вучиќ, а на свечената церемонија, како што соопштија од неговиот Кабинет, ќе присуствуваат и премиерката Ана Брнабиќ и министерката за градежништво, сообраќај и инфраструктира Зорана Михајловиќ.
Според протоколот, претходно, во попладневните часови српската делегација со претседателот Вучиќ ќе направи обиколка на новиот автопатат на делницата низ Грделичка клисура, на делот на Косината 2, клучката Предејане, Момин камен и кај тунелот Манајле.
Свеченото отварање на јужниот крак на Коридорот 10 и обраќањето на претседателот Вучиќ и премиерот Заев е предвидено на платото под мостот Врла на делницата од автопатот кај Грделичка клисура.
Со отварањето на делницата кај Грделичка клисура, Србија преку Коридорот 10 ќе биде целосно поврзана со 600 кметри долг автопат од границата на Северна Македонија до границата со Унгарија.
Коридорот 10 е еден од најважните пан-европски транспортни коридори што поминуваат низ Србија и ги поврзува Австрија, Унгарија, Словенија, Хрватска, Србија, Бугарија, Северна Македонија и Грција.