Оваа научна конференција се случува во еден од најклучните моменти на одговорност пред кој сме исправени сите. Од тие причини оваа нека биде уште посилен поттик да ги впрегнеме сите научни потенцијали и политички сили конечно да и го овозможиме заслуженото место на Република Македонија како 30-та земја членка на најмоќниот воен сојуз НАТО, а потоа да работиме и за полноправно членство на земјата во најсилната економска заедница, Европската Унија. Посилен предизвик за економски развој на Македонија од членството на земјата во ЕУ и НАТО не постои.
Ова е пораката на премиерот Зоран Заев во обраќањето на научната конференција „Идни предизвици на економскиот развој и економските политики на Република Македонија“, во организација на МАНУ во соработка со Владата, Народна банка и Стопанската комора на Македонија.
Претседателот на Македонската академија на науките и уметностите, академик Таки Фити, рече дека од оваа научна конференција којашто се организира за прв пат после 20 години, очекува да произлезат опипливи мерки и препораки од презентираните научни трудови коишто ќе бидат во насока на постигнување на целите за развој на економијата.
Заев изјави дека целта на оваа конференција е политичарите да ги слушнат стручните анализи на академската заедница и преку дводневна дебата да се донесат заклучоци кои ќе имаат своја примена при креирање на економските политики.
– За мене е значајно тоа што го споменав и во моето обраќање. Влогот во науката денеска значи технолошки развој во иднината. Јас сум убеден ако мудро ја слушате нашата наука којашто суштински и длабински ја знае нашата економија, потенцијали и перспективи, здружени заедно можеме многу да направиме за развој на нашата економија – рече премиерот.
Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев во своето воведно обраќање истакна дека според направените анализи, за повисоко ниво на економски раст потребно е да се фокусираме на развој на индустријата, градежништвото, земјоделието и трговијата.
– Владата преку Планот за економски раст, односно мерките од Законот за финансиска поддршка на инвестиции и Програмата за иновации на Фондот за иновации и технолошки развој оваа година обезбеди околу 30 милиони евра, буџетски средства, за поддршка на стопанството. Со ова поттикнуваме индустијализација, потребно е да се поддржи индустријата за да биде конкурентна на меѓународните пазари, каде што целиот свет е конкуренција. Паралелно се работи на проекти во образованието за продуцирање на квалитетни кадри за потребите на стопанството.
Градежништвото ќе расте ако се реализираат физибилни проекти на приватни компании и инфраструктурни проекти на државата. За развој на замејделството треба да се обезбеди сигурен откуп и пласман, за да земјоделското производство расте со повисоки стапки отколку досега – нагласи вицепремиерот Анѓушев.
Излагање имаше и министерот за финансии, Драган Тевдовски кој зборуваше за политиките и предизвиците во управувањето со јавните финансии.
– Јавните финансии се во добра кондиција. Тие се транспарентни. Јавниот долг е под контрола. Во процедура се реформите за унапредување на системот на јавни финансии – нагласи министерот Тевдовски.