Проектот за поврат на ДДВ за граѓаните ќе старува во јули наредната година, како експеримент во три општини, одговори премиерот Зоран Заев на прашање на пратеникот Антонио Милошоски.
-Картичките се лимитирани до 30.000 за да се направи фер распределба, затоа што побогатите трошат повеќе, па и повратот на данок би бил поголем. Системот е целосно подготвен за ставање во функција. Наша намера е од 1 јули да стартува системот. Првите шест месеци ќе бидат експериментални, за да може да се проверат резултатите. Ако биде се во ред да стартуваме – одговори Заев.
Премиерот објасни дека приливот од ДДВ изнесува околу милијарда евра само со половична успешност на овој систем. На 15 отсто повраток на ДДВ би се собрале околу 150 милиони евра, од кои околу 90 милиони евра би се вратиле кај граѓаните, а 60 милиони во буџетот.
Пратеникот Антонио Милошоски на седницата за пратенички прашања го потсети Заев дека проектот за поврат на ДДВ бил еден од најголемите предизборни ветувања, а сега граѓаните дознаваат дека станува збор за експеримент. Пратеникот го обвини премиерот дека нема спроведено ниту еден сериознен проект, откако биле најавени пред две и пол години.
– Во ноември 2016 година, ветивте крупен проект за поврат на 15 проценти од ДДВ. Изјавивте дека со 15 проценти од ДДВ што го има на секоја сметка за вода, за храна, за облека за струја, за тоа што плаќаат граѓаните ќе се врати назад. Рековте дека тоа ќе обезбеди 30 илјади денари, една плата плус за секое семесјтво и за секој граѓанин. Со тие пари граѓаните ќе можат да си ги платат давачките, трошоците, извршителите, кредитите, да платат нова соба за младите, да можат да платат годишен одмор. Како сте задоволен од проектот поврат на 15 проценти ДДВ господине Заев? – праша Милошоски.