Како јавна администрација, независно дали државна или локална, ние ги продолжуваме сите убави работи почнати и пред нас, со што испраќаме порака до инвеститорите за стабилност во државата, свесни дека секој влез во слични инвестиции бара голема деловна храброст и вложувања.
Ова го изјави премиерот Зоран Заев на отворањето на новата автобуска станица и на поставување камен-темелник на трговски центар „Охрид Мол“ инвестиции на компанијата „Делфина турс“.
Заев изрази задоволство што се работи за домашна инвестиција, со што од една страна овозможува приход на локално и на државно ниво, отвора нови работни места, создава услови за раст на платите, но испраќа и порака на охрабрување за останатите потенцијални инвеститори.
– Ова е само еден дел од мозаикот. За да се зголеми туристичката посетеност на Охрид, треба да се исполнат многу предуслови. Охрид е убав сам по себе, но никогаш не е доволно да се инвестира во негов развој. Продолжува изградбата на автопатот кон Кичево, се рехабилитира делницата Кичево – Гостивар, а се работи проектната документација за изградба на нов пат кон Ресен, се со цел инфраструктурно Охрид да биде попристапен за сите гости – рече меѓу другото Заев.
Сопственикот на „Делфина турс“ Аднан Исмаил истакна дека од денеска Охрид има современа автобуска станица со модерни сервисни и услужни простории, со вкупна површина од 1.100 квадратни метри, како и соодветен терминал со осум појдовни и исто толку дојдовни перони.
Проекциите се, рече тој, веќе наредната година во комплексот да биде ставен во употреба и новиот трговски центар, со деловен простор на површина од десет илјади метри квадратни и сопствен паркинг-простор од осум илјади квадрати.
– Уверени сме дека со автобуската станица и трговскиот центар Охрид ќе добие нови современи одбележја, но и нови работни места со што ќе придонесеме за спречување на заминувањето на младите. Бизнис-заедницата верува во политиката на Владата, особено сега кога сме пред вратите на НАТО и ЕУ. Тоа ќе значи нови инвестиции, нови работни места, повисоки плати – рече сопственикот на „Делфина турс“.
Градоначалникот на Охрид Јован Стојаноски изрази задоволство што Охрид од денес добива капитален објект што ќе придонесе за подобрувањето на општата слика за градот, а со новите содржини во рамки на комплексот ќе се подобри и севкупната туристичката понуда.