Заев: Остануваме на проекцијата за раст на БДП од 3,2 отсто

Немаме никакви причини да се откажеме од проекциите затоа што имаме раст во второто полугодие и го очекуваме растот во третото полугодие.

72

Премиерот Зоран Заев не гледа причина за намалување на преокцијата за растот на економијата годинава и покрај тоа што Меѓународниот монетарен фонд и Светска банка ги коригираа своите претпоставки за растот на македонската економија годинава.

– Немаме никакви причини да се откажеме од проекциите затоа што имаме раст во второто полугодие и го очекуваме растот во третото полугодие. Остануваме на проекцијата од 3,2 отсто раст и ги имаме сите практични причини за тоа – изјави премиерот Зоран Заев.

Тој коментирајќи ја проекцијата за економскиот раст на Македонија во есенскиот извештај на Меѓународниот монетарен фонд рече дека политичката криза влијае на ваквото однесување на ММФ.

– Меѓународните институции, кога се јавуваат ретроградни процеси, како сега дали ќе се гласа или не, се песимистички ориентирани во своите коментари. Кога целото општество би било заеднички сплотено и давало оптимизам, тогаш и тие би давале оптимистички пораки. Така што остануваме на проекциите од 3,2 отсто раст – рече Заев.

Меѓународниот монетарен фонд во есенскиот извештај „Перспективите на светската економија“ ги намали предвидувањата за растот на македонската економија од 2,8 на 1,6 отсто за годинава.

Претходно Светска банка предвиде раст за македоснката економија од 2,5 отсто за годинава.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...