Премиерот Зоран Заев прими делегација на компанијата „Оракл“ (Oracle), една од најголемите ИТ компании во светот.
Бизнис делегацијата на „Оракл“ предводена од потпретседателот на компанијата за Централна и Југоисточна Европа, во придружба на регионалните директори Антонис Монокрусос, Небојша Аврамовиќ, и Мери Кучера Илиеска од канцеларијата во Скопје, изразија благодарност за можноста да се сретнат со премиерот Заев и да му ги пренесат искуствата од досегашното присуство на оваа глобална ИТ компанија, која веќе 13 години работи во нашата земја.
Претставниците на „Оракл“, компанија која има широко портфолио во ИТ индустријата, како една од неколкуте водечки компании, информираа за можностите што ги нудат нивните информатички решенија, особено во делот на управување со големи бази на податоци со соодветни апликации за широк спектар на користење, како и во клауд технологијата.
Тие на средбата информираа дека нивните информатички решенија се покажале како исклучително продуктивни во големите системи на државниот сектор, во делот на финансиските институции, даночните и царинските системи во земјите кои го поминале пристапниот период до членство во Европската Унија, како во земјите со кандидатски статус кои ја адаптираат својата информатичка инфраструктура со онаа на Европската Унија.
Заев потенцираше дека дигиталната агенда е во редот на приоритетните проекти на Република Македонија, и дека понагласениот влез на големите и реномирани системски информатички решенија во системот на јавниот сектор се од суштинска важност за ефикасно функционирање на јавниот сервис за граѓаните.
На средбата е договорено низ идните контакти и анализи на стручните тимови на министерствата и државните агенции, да се исцртаат можностите за поголема соработка со „Оракл“.