Новата бензинска станица на „Лукоил“ е од извонредно значење за регионот и ќе ги задоволи потребите на жителите на општините Гази Баба и Арачиново, како и на сите патници и деловни луѓе кои фреквентно го користат регионалниот пат Скопје – Куманово, изјави премиерот Зоран Заев на отворањето на новата бензиска пумпа на компанијата.
– Секако од значење е и отворањето на новите работни места како придобивка за жителите на локалните заедници во двете општини. Граѓаните веќе се навикнаа на добрите услуги во објектите на оваа компанија, во кои освен базичната понуда на нафтени деривати, се понудени и сите останати сервиси што ги нудат современите објекти од овој тип- рече Заев.
Заев рече дека бензиската станица ги исполнува сите неопходни стандарди за заштита на животната средина. Вградена е опрема со највисоки еколошки карактеристики кои овозможуваат рекуперација на пареите од бензините, спречување на излевање на гас и систем за противпожарна заштита на највисоко ниво.
– Ова е убава прилика со неколку зборови да потсетиме на нашата одлична соработка со компаниите кои доаѓаат од Руската Федерација, како и нашата принципиелна соработка со Руската Федерација. Руската Федерација е значаен трговски партнер на РСМ со кој остваруваме интензивна трговска соработка која постојано бележи константна вредност – рече Заев.
Тој додаде дека поттикнувањето на веќе констатираната потреба од иницирање на постапка за склучување на Договор за слободна трговија со Руската Федерација, ќе биде од интерес на двете земји.
– Република Северна Македонија е заинтересирана за унапредување на економската соработка, трговската размена и за привлекување на директни руски инвестиции. За таа цел ќе ги интензивираме комуникациите за да ги презентираме можностите за инвестирање во нашата земја за да се среќаваме во нови прилики кога ќе ги промовираме проектите од заеднички интерес – рече Заев.
Лукоил во земјава има вкупно 31 бензинска станица, од кои 10 во Скопје и околината, по три во Тетово и во Битола, по две во Куманово, Охрид, Струмица и Гевгелија, и по една во Кичево, Прилеп, Велес, ,Штип, Кочани, Радовиш и на Стража.