Заев и Тевдовски ги убедуваа пратениците дека растеле производството и платите

198

Индустриското производство во февруари годинава во однос на истиот месец лани бележи раст од 7,3 отсто, додека за двата месеца од годинава во однос на двата месеца лани раст од 9,6 отсто, објави Државниот завод за статистика.

Според премиерот Зоран Заев, кој денеска одговораше на пратенички прашања, растот на индустриското производство е показател дека растот во првиот квартал може да биде поголем.

– БДП пред 22 месеца беше минус 1,8 отсто, во моменотт е 3,3 отсто и верувам дека сите индикации покажуваат дека може да очекуваме уште поголем раст во првиот квартал, што дефинитивно се потврдува со растот на индустриското производство. Во јануари беше 12 проценти, во вториот месец е 7,5 отсто, заедно создваат 9,5 отсто, што е 1,2 отсто раст на БДП без каков било раст во другите сектори – рече премиерот.

Тој потсети дека 2019 година ќе биде година на економијата, дека се прават напори за зголемување на реализација на капиталните инвестиции, раст на платите за кои рече дека идната пролет ќе има квантен скок за што Владата има намера да преземе мерки.

– Земјата ќе има одлични економски резултати во оваа година. Отстранети се слабостите и верувам дека на крајот ќе признаеме дека економските резултати на завршеток на 2019 година ќе биде нешто за што ќе кажеме дека вредело – изјави премиерот.

И министерот за финансии Драган Тевдовски на седницата за поставување пратенички прашања рече дека има многу силно индустриско производство и дека во 2019 година се очекуваат уште посилни бројки.

– Имаме многу силно индустриско производство, уште посилни бројки за 2019 година, странските инвестиции се најсилни досега, извозот има двоцифрена стапка на раст, невработеноста, исто така првпат падна под 20 проценти и сето тоа зборува за успешноста на економските политики – рече Теводовски, кој додаде дека се остваруваат резултати на придвижување на платите.

Министерот посочи и дека прогресивното оданочување дава одлични резултати, дека приходите од персонален данок имаат двоцифрена стапка на раст, како и тоа дека придонесите се високи.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...