Дијаспората е заинтересирана да придонесе со нови инвестиции во земјава, мотивирање на млади луѓе да работат во и со нашата држава, ангажирање искусни експерти за области што се од значење на Македонија.
Ова било раговарано на средбата на премиерот Зоран Заев со претставници на Одборот на директори на Македонија 2025, Мајк Зафировски, Џон Битов, Вера Ставроф и со главната извршна директорка на организацијата, Никица Мојсоска Блажевски.
Македонија 2025 е непрофитна и неполитичка организација со фокус кон економијата и поврзување со дијаспората, за учество во генерирањето можности и капацитети за економски раст на државава.
На средбата се поздравени од дијаспората храбрите чекори на премиерот Заев што ги отворија интеграциските процеси на нашата земја. Оценето е дека со тоа се отворени можности за поинтензивен економски развој, во што е изразен интерес поактивно да се вклучат и успешни личности во бизнисот од дијаспората.
Конкретно е разговарано за унапредување на соработката со Македонија 2025 во четири клучни области: странски инвестиции и иновации, поддршка во образованието во делот на развивањето критичко мислење и мотивирање на активизмот на младите луѓе, околу создавањето добра бизнис клима за работа во нашата држава и придонес во делот на заштитата на животната средина.
Исто така, разговарано е и за можностите за вклучување на експерти од странство во областа на дигиталната технологија и обучувањето млади луѓе со дигитални вештини, што ќе им го олеснат вработувањето во државава и поврзувањето со светот.
Ова се дел од темите за коишто ќе се разговара и на Самитот на Македонија 2025 што се одржува во следните два дена во Скопје, а за коишто претставниците на организацијата добија поддршка од премиерот Зоран Заев да бидат активни и да се зајакне соработката, како со Владата така и со другите државни институции и со заинтересираниот приватен сектор во државава.