Заев: Европа ќе биде најдобрата мотивација за економски раст

51

Европа е најдобрата мотивација за економски раст, за странски директни инвестиции и за намалување на невработеноста, порача премиерот Зоран Заев на форумот „Северна Македонија: Забрзување на реформите, забрзување на европската интеграција“, што во организација на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и Центарот за европските политики, се одржа во Брисел.

Тој, на заедничката прес-конференција со заменик директорот на ЕБОР за политики и партнерство Пјер Ејлброн, истакна дека по позитивниот извештај на Европската комисија се очекува да се исполни и ветувањето на Европскиот совет од минатата година кога беше речено дека со исполнувањето на условите и завршницата на реформите во правосудството, безбедносните служби, во јавната администрација и во борбата против корупцијата, ќе следува стартот на преговорите по поглавјата во јуни оваа година.

– Европската комисија ја повтори безусловната препорака, како резултат на исполнетите услови, и Северна Македонија сега очекува и Европскиот совет да ја прифати препораката – рече Заев.

Премиерот, информираат од владината прес-служба, додаде дека извештаите за напредокот на другите земји од регионот не треба да влијае на одлуката за нашата земја, како и дека секоја друга одлука ќе ги уназади реформските процеси и ќе го закочи економскиот напредок што го остварува земјата кој е силно поддржан од Европската банка за обнова и развој.

– За време на овој процес на европските интеграции се случија многу позитивни работи во економијата. Тоа потврди дека Европа е најдобрата мотивација за економски раст, за странски директни инвестиции, за намалување на невработеноста, за раст на продуктивноста и за индустрискиот раст. Европската комисија тоа го препозна и во висината на странските инвестиции од 625 милиони евра во 2018 година. Тоа е три пати повеќе од просекот од последните осум години. Во последниот квартал на 2018 година БДП порасна на 3,7 отсто, а за првиот квартал за оваа година, очекуваме раст поголем од четири отсто, а го стартувавме мандатот на оваа влада со негатива од 1,8 отсто – рече Заев.

Имавме рецесија, потенцира, политичка криза, но многу работи се променија.

– Ја намаливме невработеноста од 27 на 19,4 отсто. Просечната плата порасна за 6,1 отсто. Индустриското производство порасна за 88 отсто. Тоа се навистина убави параметри што ја потврдија силата на мотивацијата од Европа присутна во Северна Македонија. Од договорот со Грција остваривме пораст на меѓусебната трговија 20,5 отсто. Повеќе компании од Грција започнаа со постапки за инвестирање во РСМ, а трговијата со Бугарија порасна за 15 отсто. Балканот е многу променет – нагласи премиерот Заев.

Според него, освен признанијата за него и за премиерите Ципрас и Борисов, сега треба да дојдат и признанијата за народот во Северна Македонија со одлука за старт на преговорите по поглавјата за европска интеграција на земјата.

Заменик директорот на ЕБОР Ејлброн на форумот истакна дека Европската банка за обнова и развој е многу значаен партнер на Владата во насока на реализација на економските политики за зголемување на конкурентноста на Република Северна Македонија, но и на регионот генерално, и дека земјите од Балканскиот полуостров се мали земји и доколку сакаат да се развиваат со побрза динамика потребно е да се отворат кон соседите и да ја зголемуваат меѓусебната соработка, а на тој начин да ја зголемуваат и соработката со земјите членки на Европската Унија.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...