Заев: Границата за повисока затапка за „персоналец“ не е утврдена

Став на премиерот е дека оние кои имаат поголеми приходи треба да платат повисок данок.

246

Премиерот Зоран Заев тврди дека границата за прогресивно оданочување не е утврдена, туку даночната реформа ќе се прави со јавна дебата каде што граѓаните ќе го имаат својот глас.

– Не е точно тврдењето дека Владата има утврдено, до 1.000 евра да се плаќа, како и досега 10 проценти данок, а над 1.000 евра да се плаќа поголем данок. Не, дебатата ќе го одлучи тоа, буквално ќе ги измериме сите податоци, така ќе ја донесеме одлуката. Но, праведното оданочување е нешто, кое што е фер во секоја земја -изјави Заев.

Сепак, тој е на став дека оние кои имаат поголеми приходи треба да платат повисок данок.

– И редот е сите граѓани коишто имаат поголеми приходи посебно приходите поголеми, еве да ги кажам поголеми од 1.500, 2.000, 3.000, 5.000 евра, да платат повеќе. Дај Боже да имаме сите повеќе, па сите да платиме повеќе данок на државата – изјави Заев.

Според него, сега не е погоден момент да се отвори дебатата за даночната реформа бидејќи фокусот на граѓаните се политичките случувања во државата.

Изјавата на премиерот доаѓа по  објавата на работната верзија на измените во Законот за персонален данок според кои граѓаните кои во текот на годината имале приход над 720.001 денар или над 1.000 евра месечно, да плаќаат персоналец од 18, наместо сегашните 10 отсто. Според верзијата прогресивно ќе се оданочуваат и приходите остварени од интелектуална сопственост, закуп, капитална добивка, игри на среќа и осигурување. Планирано е и оданочување на каматите на заштедите на граѓаните.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...