Заев: Блиску сме до решение со СОНК

129

Премиерот Зоран Заев, денеска наведе дека Владата има намера следната недела да го усвои буџетот за 2020 година и истакна дека е многу блиску до постигнување на решение со СОНК и министерот за образование Арбер Адеми за покачување на платите во образованието.

На денешниот увид во отпочнувањето на градежните работи на патот од село Бутел до село Љуботен, одговарајќи на новинарско прашање во врска со буџетот за следната година, премиерот посочи дека Министерството за финансии преговара за буџетот со сите други буџетски корисници.

– Намерата е Владата идната недела да го усвои. Не знам дали вторник, четврток, петок, ако се биде готово да го усвоиме. Знам дека до денеска е рокот Министерството за финансии да го достави до Владата и сега следуваат тие денови на дискусија на Владата. Идната недела верувам дека Владата ќе го усвои предлог-буџетот и ќе го пушти до Собранието да почнат да течат дваесте дена, па Собранието согласно нивните рокови ќе ја почне постапката – рече Заев.

Тој наведе дека денеска ќе оствари средба со СОНК и министерот за образование Арбер Адеми, нагласувајќи дека се многу блиску до решение за покачувањето на платите во образованието.

– Предлозите што ги дадовме до СОНК беа од април месец да одиме со ново 10 отсто покачување. Тоа акумулативно ќе значи повеќе од 21 отсто за две години и седум месеци. Буквално тие бараат да почнеме од јануари, да почнеме побрзо со ваквите постапки. За сето ова математиките велат дека покрај милијардите што ги даваме треба уште стотици, стотици милиони денари. Прашањето е дали ќе се откажеме од некоја градинка од некоја болница за да дадеме тука, не, не треба да се откажеме треба сите проекти да одат, треба сите да бидат задоволни, а сето тоа да биде рационално. Така да јас верувам дека ќе најдеме решение. Денеска во најмала рака ако не го најдеме решението, верувам ќе се доближиме, зошто во фаза на подготова е и самиот буџет. Денеска е можно договор, но и ако денеска не се реши, јас верувам дека во следните пет до седум дена ќе имаме конечна одлука – рече Заев.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...