Ставање крај на несигурноста и проблемите во ФЕНИ и почеток на инвестиции и раст, најавија ГСОЛ и „Еуроникел“ по одобрувањето на планот за реорганизација од страна на Судот во Велес. Со тоа е завршена и стечајната постапка на овој индустриски капацитет.
Од компанијата сметаат дека со судското одобрување, се потврдува правосилноста на Планот за реорганизација на ФЕНИ Индустри и тој сега претставува извршен документ, според Законот за стечај.
Маркос Камхис, директор на ГСОЛ, изјави дека со тоа се става крај на периодот на несигурност, сомнеж и проблеми за ФЕНИ индустри и започнува период на инвестиции, раст и стабилност за компанијата.
– Завршувањето на формалниот процес на стечај му овозможува на ФЕНИ да се насочи кон одржлива иднина како сигурен снабдувач на светскиот пазар на фероникел и со тоа повторно да стане еден од најголемите извозници во земјата, како и да го даде својот значаен придонес кон растот на БДП – вили Камхис.
Тој оценува дека успешната реорганизација на ФЕНИ е заслуга на напорната работа на вработените и бројните институции во државата, чија професионалност и посветеност демонстрираа дека државата е отворена за директни странски инвестиции.
– ГСОЛ е задоволен што се обврза да ја одржи фабриката во работна состојба, со што зачува повеќе од 750 значајни работни места за време на стечајниот процес, преку договорот за процесирање руда. Сега сме насочени кон натамошно подобрување за зајакнување на активностите на фабриката преку Еуроникел.
Герасим Кујунџиев, директор на „Еуроникел“ оценува дека судската одлука ја завршува неизвесноста за вработените и гарантира безбедност за многумина во нашата заедница.
– И покрај многуте пречки и предизвици во минатото, сега сме во состојба нашите финански ресурси и експертиза да ги ставиме во корист на компанијата, заедницата и земјата како целина – вели Кујунџиев.
ГСОЛ лани инвестира 80 милиони евра во ФЕНИ со што се намали несигурноста кај кредитори и добавувачи. Лани се произведени над 10.000 тони никел за извоз.
Планот беше одобрен од страна на Собранието на доверители, како и од Одборот на доверители на ФЕНИ Индустри и вклучува значителна инвестиција за стабилизирање и подобрување на активностите на ФЕНИ.