По 16-дневни преговори денеска во катарскиот главен Доха заврши петтата рунда преговори меѓу претставници на САД и авганистанските талибанци, на кои, според дипломатски извори, бил постигнат напредок, но не бил усогласен никаков договор.
Според истите извори, главни теми на преговорите било барањето на САД талибанците да не ја користат територијата на Авганистан како база за напади врз други земји, како и инсистирањето на талибанските бунтовници за повлекување на странските сили од земјата.
Кабулската телевизија ТОЛО Њуз, повикувајќи се на свои извори, јави дека на последниот ден од преговорите бил усогласен предлог-договор за борба против тероризмот и било договорено повлекување на американските сили од Авганистан.
Меѓутоа, ваквата информација на телевизијата засега не е потврдена од ниту една од страните вклучени во преговорите.
Во текот на преговорите САД се обидуваа да ги убедат талибанците да прогласат прекин на огнот и да започнат преговори со властите во Кабул, кои талибанските бунтовници не ги признаваат и ги сметаат за американски марионетски режим.
Претставник на талибанците потврди дека САД вршеле притисок врз нив да прогласат прекин на огнот, но како што нагласи талибанските преговарачи „биле јасни дека примирје може да биде прогласено дури отакако ќе биде објавено повлекување на странските сили“ од Авганистан.
Американските сили спроведуваат воени операции против талибанците и други исламистички групи во Авганистан од 2001 година, што претсавува најдолг воен конфликт во кој учествуваат припадници на Вооружените сили на САД.
Во моментов во Авганистан се наоѓаат околу 14.000 американски војници, кои се дел од Мисијата на НАТО за обука, помош и советување на авганистанските сили. Сепак, дел од американските војници учествуваат и во антитерористички операции.