Завршија борбите кај Идлиб? Путин и Ердоган договорија демилитаризирана зона

Во зоната ќе патролираат турски и руски војници.

116

Рускиот претседател Владимир Путин и турскиот шеф на државата Реџеп Тајип Ердоган успеаја да се договорат како да биде избегната воена операција во Идлиб, последната од четирите сириски зони за деескалација која се уште не е под контрола на Дамаск, објави денешен Комерсант по вчерашните преговори меѓу рускиот и турскиот лидер.

Москва вети дека договорот ќе биде разгледан и со Иран, но пред крајот на преговорите, Техеран испрати сигнал дека ги поддржуваат напорите на Москва и Анкара, наведува весникот.

Русија и Турција се договорија да формираат демилитаризирана зона во сириската провинција Идлиб што ќе ги раздели сириските владини сили од бунтовничките сили. Тоа го изјави синоќа рускиот претседтаел Владимир Путин по преговори со турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган.

Во зоната ќе патролираат турски и руски војници. Тие ќе гарантираат почитување на режимот. Сето тешко оружје ќе биде повлечено од зоната, а радикалните бунтовници, вклучително и од Џебхат ал Нусра ќе треба да се повлечат од неа.

Според договореното, зоната ќе биде широка 15 до 20 километри и ќе биде по целата должина на фронтот. Се очекуваа таа зона и официјално да профункционира до 15 октомври.

По средбата Путин-Ердоган, рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу најави дека нема да има нова воена операција во Идлиб.

Неколку недели, сириските, руските и иранските сили најавуваат освојување на оваа зона, во која се смета дека живеат три милиони луѓе и која е под контрола на бунтовнички групи, вклучително и исламисти. Турција бараше од Русија и Иран да ја откажат офанзивата, која е во своите првични фази.

Путин денеска најави дека разговорите со Ердоган овозможиле да дојде до сериозен напредок во решавањето на проблемот со исламистичките групи во Идлиб.

ФОТО: Твитер на претседател на Русија

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...