До крајот на градежната сезона се очекува да заврши реконструкцијата на 10 километри од Скопската обиколница на делот помеѓу клучка Стајковци и клучка Мирковци. На терен се очекува и почеток на реконструкција на уште 31 пат во должина од 361 километар за кои се завршени тендерите во изминатите две недели, информираа денеска министерот за транспорт Горан Сугарески и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Зоран Китанов.
– Оваа автопатска делница треба да биде готова напролет, но доколку дозволат временските услови може да се случи да биде завршена целосно до крајот на годината, односно до крајот на градежната сезона – изјави Сугарески при увид на градежните работи.
Со договорот за рехабилитација е предвидено да се заменат, со гребење и повторно асфалтирање 8,5 километри од возната лента, како и 1,5 километри од брзата лента од завршниот асфалтен слој на постоечкиот асфалтен коловоз меѓу Стајковци и Мирковци од обиколницата во правец Миладиновци-Сарај. За реконструкцијата што почна минатиот месец се одвоени околу 600 илјади евра.
– По завршувањето на претходните проблеми настанати од поплавите кај клучките Арачиново и Стајковци преминавме на проектирање за рехабилитација на останатиот дел од оваа клучка, на делот од обиколницата помеѓу Стајковци – Мирковци, во должина од 10 километри. Завршувањето ќе биде бенефит како за граѓаните кои се движат во обиколницата и од населените места – изјави Китанов.
Тој најави дека во продолжение по завршување на автопатот Сарај-Групчин и обратно се рехабилитира и регионалниот пат Сарај- Групчин, кој ќе биде завршен до крајот на месецов.
Како што потенцираше Сугарески, на терен се реализираат проекти во висина од 800 милиони евра во изградба и реконструкција на патната мрежа.
– Интензивно се работи на двата автопата, Миладиновци-Штип, кој е во завршна фаза и нашите очекувања се градежните активности да бидат завршени до крајот на октомври, а за Кичево-Охрид, по анексот за ослободување на 205 милиони евра очекуваме интензивирање на активностите. Паралелно се работи и на четири експресни патишта, на бројни реконструкции на регионални патишта. Доколку временските услови дозволат очекуваме до крај на градежната сезона да биде исполнет целиот план кој го имавме – рече Сугарески.
Согласно ветувањата од мај годинава за инвестици во патиштата и работите на терен очекувам годинава значително да се подобри патната инфратсруктура во Македонија, дополни министерот за транспорт.
Од 31 регионален пат за кои се завршени тендерите, 12 се реализираат со заеми од Светска банка, седум преку Европската банка за обнова и развој, а останатите со средства од буџетот на ЈПДП.