За три месеци се изградени околу 7.000 метри од планираната секундарна мрежа (разводни цевководи), интензивно се поставува и терциерната мрежа за наводнување (дистрибутивни цевководи), а во полн ек е и изградбата на пумпната станица Јосифово, рече министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство,Трајан Димковски по денешната посета на системот „Јужновардарска долина“ кај Удово.
Според Димковски, градежните работи се одвиваат согласно предвидената динамика.
– Со системот очекуваме да обезбедиме навремено и квалитетно наводнување на повеќе од 2.000 хектари земјоделска површина. Се работи за затворен, модерен софистициран систем. Водата со пумпи ќе се носи од реката Вардар. Ќе се градат и неколку пречистителни станици за водата што ќе се носи до нивите да биде филтрирана. Системот ќе значи многу во менаџирањето на наводнувањето и искористувањето на природните ресурси, а тоа на крај ќе влијае и врз подобрување на квалитетот на производите – изјави министерот.
Градоначалникот Перо Костадинов кој го придружуваше Димковски, рече дека проектот е од исклучителна важност не само за општина Валандово, туку и за целата држава, а најмногу за земјоделците.
– Во општина Валандово голем дел од приходите на земјоделците се токму од земјоделство, особено што имаме и компративната предност за земјоделско производство. Работите на терен во делот на изградбата на системот за наводнување се според предвидената динамика и очекуваме така да продолжи. Ваквите капитални проекти во системи за наводнување се добредојдени за нашата општина – нагласи Костадинов.
Втората фаза од проектот за наводнување на јужната долина на реката Вардар чини 24,3 милиони евра. Дел од средствата се од Буџетот на МЗШВ, а дел се кредит и грант од германската развојна банка „KfW“.