Израелскиот Врховен суд му забрани на Михаел Бен Ариј, лидерот на ултранационалистичката партија Еврејска моќ, учество на парламентарните избори закажани за следниот месец.
Судот со осум гласови „за“ и еден „против“ на Бен Ариј му забрани учество на изборите, образложувајќи ја својата одлука со неговата антиарапска идеологија.
Исто така, Врховниот суд го потврди учеството на изборите на една арапска партија и еден левичарски кандидат. Учеството му е потврдено и на еден од лидерите на Еврејска моќ, адвокатот Итамар Бен Гвир.
Лидерите на партијата Еврејска моќ се следбеници на рабинот Меир Кахан, кој се залагал за протерување на Арапите од Израел и за воведување на еврејска теократија.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, кој често е критикуван за настојувањата да го обедини националистичкиот блок, минатиот месец успеа со радикалните партии да постигне договор, што би можело да го олесни влезот на Еврејска моќ во следната владејачка коалиција во Израел.