Колку маркетингот има силно влијание врз свеста на потрошувачите покажуваат и рекламите за лековитите својства на лебот. Наместо да ги слушаат советите на лекарите, некои потрошувачи на своја рака се „лечат“ преку добро спакувани реклами.
Ако се следи Правилникот за посебните барања за безбедност на храната за посебна нутритивна употреба, донесен од Агенција за храна и ветеринарство, потрошувачите не би требало да се доведуваат во заблуда за лековити својства на кој било производ кој не е лек, зашто опасноста од невистинитите наводи може да предизвика сериозна штета по здравјето на консументите.
Во Правилникот се пропишани сите правила и барања и означување на својствата на производот, посебно кои се однесуваат на безбедност на храната со посебна нутритивна вредност. Според член 6 од овој правилник означувањето и начинот на означување, презентирањето и рекламирањето на овој вид на храна не треба да ѝ придаваат својства на превенција, третман или лекување на одредени заболувања кај луѓето.
Во член 132 од Правилникот, за производителот кој ги доведува потрошувачите во заблуда, следи глоба доколку на производот се означени и рекламирани податоци кои сугерираат на лековити својства поврзани со превенција или лекување на заболувања, потенцирани од специфичните својства на храната.