Мала церемонија со садење дрво во чест на Горан Стефановски, проекција на негови фотографии, интервјуа, предавања, слушање на неговата најомилена музика, и „отворен микрофон“ (open mic) на кој сите што сакаат ќе можат да кажат некоја приказна или анегдота поврзана со Горан, ќе се одржи во сабота, 27 април 2019, со почеток во 12 часот, во Дебар Маало, во малото паркче спроти „Наџак“/„Идадија“.
Садењето дрво, по иницијатива на МАНУ, го претставува и неговото духовно враќање дома во Македонија. Семејството Стефановски и Општина Центар ги покануваат граѓаните на оваа прослава на животот на Горан на онаа раскрсница што за него и други претставува не само срце на Дебар Маало, туку и поим за едно минато време во нашиот град – време на цврсти столбови на вредности, почит и добрососедски односи.
Дебар Маало има култно, скоро митско место во современата македонска култура. Голем удел во креирањето на тоа имаше покојниот писател, професор и вљубеник во маалото – Горан Стефановски.
Стефановски си го разјасни својот став кон губењето на душата на Дебар Маало, како и кон рушењето на општествените вредности во нашата земја, во својата драма „Демонот од Дебар Маало“, каде се разбира единствениот простор и време се маалото и „Идадија“. „Без маало нема држава!“, напиша тој.
Прославата на животот на Стефановски е предвидена како мал увид во неговиот личен, семеен и творечки живот. Јавноста го знае како драмски писател, есеист и мудрец, кој низ град одеше пеш со насмеано лице, но ова ќе биде можност неговата фамилија и блиските пријатели да ја претстават неговата друга страна, како татко, сопруг, дедо и фанатик на „Битлси“, преку проекција на фотографии од неговото најрано детство до крајот на животот, проекции на видео интервјуа, говори и кратки семинари водени од него, видеа и фотографии од претстави по неговите текстови (во соработка со Драмскиот театар и ФДУ), слушање на неговата најомилена музика, и „отворен микрофон“ (open mic) на кој сите што сакаат ќе можат да кажат некоја приказна или анегдота поврзана со Горан.