Живее на Хвар, опкружена со лаванда, а сонува за Охрид

Да се живее на Хвар, островот чиј симбол е лавандата (или по нивно – леванда) и да се живее од лeванда, звучи како добра варијанта, но не е се така виолетово... Барем така вели нашата соговорничка која смета дека Хвар е убав, но Охрид - фантастичен. Ова ѝ го раскажал нејзиниот син кој неодамна бил таму и на својата мајка ѝ донел црвен пипер, шарена сол, планински чај и безброј фотографии кои ја фасцинирале госпоѓа Ивка Равлиќ.

1678

Од некој што живее на преубав остров во Далмација најмалку би очекувале да сонува да дојде во Охрид, нели?

Ама токму ова е сонот на Ивка Равлиќ, дамата со „виолетов живот“ која се фасцинирала од убавината на Охрид само гледајќи ги фотографиите и слушајќи ги прераскажувањата на својот син кој неодамна заедно со својата девојка чиј дедо потекнува од Охрид, бил во Македонија и се вратил оттаму со црвен пипер, шарена сол и планински чај за својата мајка.

„Го пиевме овој чај цела зима и навистина уживавме во него и во приказните на мојот син кој беше воодушевен од убавината на вашиот Охрид за кој вели дека изгледа како лично Господ да го зел во рака и да го спуштил на тоа тло.

Син ми и неговата девојка беа воодушевени не само од убавината на Охрид, на езерото, црквите, архитектурата, туку и од луѓето, од нивната љубезност и добрина, од гостопримливоста и грижата која ја покажувале за нив на секој чекор, но и од вкусната и ефтина храна. А кога отишле во Скопје, се смееле до бесвест – какви огромни споменици, вели син ми, а сиромашни луѓе со запрежни коли одат покрај тие споменици кои чинат ѓавол знае колку. Но Охрид ми игледа како рај, и сакам да им порачам на Македонците: Не го разубавувајте како што сте го сториле тоа со Скопје и ве молам не поправајте ништо! Тоа што го видов јас на фотографиите, ме воодушеви, и навистина мислам дека е Хвар убав, ама Охрид е фантастичен. Да даде Бог цела Македонија да биде како Охрид, ете тоа ви го посакувам“, вели нашата соговорничка.

Госпоѓа Ивка живее во Хвар со семејството, сопругот и две деца, син и ќерка и сите заедно имаат свој ОПГ (обитељско пољопривредно господарство, односно, семејно земјоделско стопанство) со леванда. Таа доаѓа од Задар, но на Хвар е повеќе од 20 години. Нејзиниот сопруг Ивица кој работи и како поштар, потекнува од хварското село Брусје, кое е најпознато токму по квалитетот на левандата што расте таму. Селото е на 5 километри од градот Хвар и нормално, таму се и нивните полиња со леванда. Во Хвар пак 16 години имаат продажен штанд, последен на шеталиштето, но еден од најубавите на хварската рива пред кој не може да не застанете и да не купите нешто.

Прочитајте повеќе на порталот „Арт кујна“.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...