Учеството на жените во бизнисот и во креативните сфери и индустрии, иако постојано се зголемува, се уште не е на ниво на нивниот потенцијал. Тие треба да работат понапорно за да привлечат внимание за своите идеи и да се здобијат со почит во сферите што се уште се сметаат за машки, сметаат учесниците на денешното одбележување на Светскиот ден на интелектуална сопственост организиран од Делегацијата на ЕУ и американската Амбасада во Скопје.
Претставникот на ЕУ Јаромир Левичек смета дека во областите на бизнисот и креативните и иновативни дејности се соочуваат со многу предизвици и проблеми. Затоа, рече тој, учеството на жените во овие сфери е се уште далеку од нивниот потенцијал.
– Жени претприемачи се само 34 проценти од самовработените, односно 30 проценти од претприемачите на старт ап компаниите во Европската унија – рече тој.
За надминување на ваквите состојби, сметаат учесниците на одбележувањето, потребно е поголема мотивација и охрабрување на жените, но и создавање поволни услови преку заштита на интелектуалната сопственост, трговските марки и брендовите.
– Жените треба понапорно да работат за да можат да привлечат внимание за иновативните идеи што ги имаат, но и да се здобијат со почит во оние сфери кои се уште важат за доминантно машки, рече заменик-амбасадорката на САД во Македонија Микаела-Швајзер Блум.
Затоа, смета таа, е потребно тие да бидат охрабрувани, мотивирани, а државата преку создавање поволни услови да ги заштити во нивната работа.
– Од клучна важност е владите во сите земји вклучително и во Македонија да ја зголемат заштитата на интелектуалната сопственост преку развивање на капацитетите на телата што се бават со ова прашање – рече таа.
На одбележувањето. меѓудругите, говореше и ко-сопственичката управител на Касефичио Цезарина Фејзи, Гзиме Фејзи која ги сподели искуствата од отворањето бизнис во Македонија и неговиот развој. На тој пат, рече, се соочив со многу проблеми и предизвици, но и со недоверба пред се заради фактот што сум жена.
Но, сепак, потенцира Фејзи, доколку имате иновативна идеја и сте упорни и истрајни, а пречките ги гледате само како мотивација за да одите напред успехот е неизбежен. Компанијата Фејзи е единствената во Македонија што произведува моцарела.