Жената која над 10 години протестира за правата на стечајците не го реши својот статус

Министерството за труд и социјална политика работи на ново законско решение со кое треба да се надмине проблемот со староста на одреден број на стечајци, матичните броеви на државните фирми во стечај и стажот.

4748

Меѓу 1.000 и 2.000 стечајци ќе го остварат правото на парична помош со најавениот закон за материјално обезбедување на невработените лица поради приватизацијата на претпријатијата со доминантна сопственост на државата на кој работи Министерството за труд и социјална политика. Здружението на стечајци, пак, е задоволно што ќе се реши проблемот на поголем дел од нив, но нема да го реши проблемот и на стечајците кои не го исполнуваат условот 15 години стаж, односно имаат помал стаж во државна фирма.

Новото законско решение, според она како е појаснето во предлогот за подготовка, треба да овозможи материјална заштита на лицата кои претходно не можеле да го користат правото на парична помош поради неисполнување на условот кој се однесува на датумот на престанокот на работниот однос, единствениот матичен број на субјектот и возраста на невработеното лице.

Планирано е да се зголеми периодот на опфат на невработените лица, чијшто работен однос престанал од 1 јануари 1993 до 30 јуни 2019 година во претпријатија со доминантна сопственост на државата или по нивна приватизација, доколку не го промениле единствениот матичен број на субјектот, а и во случај на промена истите да произлегуваат од претпријатието со доминантна сопственост на државата.

Со него материјално ќе се обезбедат лицата кои со претходните законски решенија имале возраст помалку од 52 години (жена), односно 55 години (маж), како и лица на кои им престанал работниот однос во периодот од 1 јануари 1993 година до 30 јуни 2019 година.

Проценките на Агенцијата за вработување се дека со новиот закон, право на материјално обезбедување ќе остварат најмалку 1.000 невработени лица, а за спроведување на законот до крајот на 2019 година ќе бидат потребни 27.237.672 денари.

Претседателката на стечајците Лилјана Ѓеорѓиевска смета дека со овој закон ќе се реши прашањето на околу 2.000 стечајци, но ќе остане помала бројка за обештетување во наредните години.

– Задоволна сум што ќе се реши проблемот на голем дел од луѓето кои не беа опфатени со претходните закони. Сметам дека овој закон ќе донесе решение за проблемите на 1.500 до 2.000 луѓе што е добро. Досега овие луѓе поради матичните броеви на државните фирми и годините на старост не можеа да бидат обештетени. Сега тоа ќе биде надминато – вели Ѓорѓиевска.

Меѓутоа, вели таа, борбата за правата на стечајците не застанува оти останува нерешен статусот на помал број стечајци кои немаат 15 години стаж во државна фирма и затоа не можат да го остварат ова право.

– Планираме од јануари да го покренеме и ова прашање. Ќе предложиме да се намали периодот поминат на работа во државна фирма, стажот. Предлогот е да биде 10 години за да се обештетат и овие луѓе – вели таа.

Меѓу нив, како што призна за Плусинфо, е и таа бидејќи нема стаж од 15 години за да го оствари правото на државна материјална помош.

– Задоволна сум што го решаваме прашањето на стечајците иако јас сѐ уште не примам парична помош. Не ги исполнувам условите од сите закони донесени во изминатиот период. Немам 10 години стаж во државна фрима. Работев во кланицата на ЗИК Куманово. Сепак, се радувам што успеавме изминатите години да обештетиме голем број од стечајците. Досега 10.800 луѓе се со парична помош. Дополнително и со новото законско решение што се подготвува ќе бидат обештетени уште 1.500 до 2000 луѓе. Остануваат уште малку и се надевам дека државата ќе најде решение и за нив – вели Ѓорѓиевска.

Стечајците од државните фирми веќе две децении се борат со властите да ги остварат своите права.

Досега се донесени неколку законски решенија, но ниту едно од нив не го реши целосно проблемот со овие луѓе.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...