Ефто Пупиноски: Трудот на македонските пеачи е девалвиран, а на странските им ги полниме торбите

И наместо ние кои компонираме и пееме на националниот јазик да имаме соодветно внимание и третман затоа што со нашите национални хитови даваме конкретен придонес кон јакнење на нашиот национален идентитет што на нас Македонците ни е неопходен во овие историски околности, вредноста на нашиот труд нѝ е и понатака девалвирана.

836

Пеачот Ефто Пупиноски на својот фејсбук профил реагираше на потценувачкиот однос кон македонските естрадни уметници наспроти величењето и овациите за уметниците од странство. Повод за неговата реакција, како што напиша, е информирањето за новогодишната прослава во Скопје каде што граѓаните ги забавуваше Дино Мерлин и во Охрид каде што пееше тој. Но, како што вели, тоа не е само поради срам дека се работи за македонски пејач  туку е резултат на длабоко вкоренетиот феномен кај Македонецот самиот на себе да не си верува и самиот себе да се става во подредена позиција како граѓанин од втор ред.

„Наместо ние кои компонираме и пееме на националниот јазик да имаме соодветно внимание и третман затоа што со нашите национални хитови даваме конкретен придонес кон јакнење на нашиот национален идентитет што на нас Македонците ни е неопходен во овие историски околности, вредноста на нашиот труд нѝ е и понатака девалвирана. Наспроти ова, на пејачите што доаѓаат од соседството и понатака им ги полниме торбите со пари, па испаѓа дека Дино Мерлин го наполни скопскиот плоштад за 100.000 евра, а Ефто Пупиноски го наполни охридскиот за 40-тина пати помала цена!“, напиша Пупиноски.

Го пренесуваме целиот пост:

И така помина и дочекот на Новата 2020 година, па гледавме и слушавме на вестите на сите национални телевизии „Дино Мерлин го наполнил плоштадот во Скопје“ , „Дино – вака…“ , „Дино – така…“ , и за сето тоа телевизиите во своите вести му посветија од 2-3 до 5 минути, додека за нас, македонските пејачи, по најмногу десеттина секунди.

Господа новинари, зошто не известивте дека и Ефто Пупиноски го наполни охридскиот плоштад и дека на тоа студено време сите присутни останаа на плоштадот за целиот временски период на мојот настап од 23.15 до 1 часот на нивно и на наше задоволство (мое и на оркестарот Фортуна)?

Господа новинари, можеби Ви беше срам бидејќи се работеше за македонски пејач или можеби едноставно тоа не можевте да го пренесете заради длабоко вкоренетиот феномен кај Македонецот самиот на себе да не си верува и самиот себе да се става во подредена позиција како граѓанин од втор ред?

Уште 1986 година со мојата песна „Лихнида“ ширум ми беше отворена вратата на белградската естрада, ама јас не отидов за Белград, останав во Македонија, и ја збогатив македонската културна ризница со уште пет-шест хитови.

Најчесто, некои пејачи од соседството заради големата јазична предност бидејќи пеат на јазик кој го користат и разбираат преку 15 пати повеќе народ отколку македонскиот, добиваат третман како балкански ѕвезди, а не заради некое екстра квалитетно пеење и посебно убави песни.

Но и покрај тој голем хендикеп за нас, Македонците, јас ја имам „Лихнида кајче веслаше“ која и покрај тоа што е испеана на македонски јазик исклучиво со силата на квалитетот како композиција и интерпретација ги сруши јазичните бариери и стана балкански хит. И наместо ние кои компонираме и пееме на националниот јазик да имаме соодветно внимание и третман затоа што со нашите национални хитови даваме конкретен придонес кон јакнење на нашиот национален идентитет што на нас Македонците ни е неопходен во овие историски околности, вредноста на нашиот труд нѝ е и понатака девалвирана. Наспроти ова, на пејачите што доаѓаат од соседството и понатака им ги полниме торбите со пари, па испаѓа дека Дино Мерлин го наполни скопскиот плоштад за 100.000 евра, а Ефто Пупиноски го наполни охридскиот за 40-тина пати помала цена!

И да ви кажам, цел живот водев една моја борба за доброто на нашата национална песна и чекав нештата да се поправат, и сега од оваа позиција длабоко сум убеден НЍ НЕМА НАДЕЖ !

Им благодарам на Охриѓани и на гостите од Македонија и соседството за тоа што ме почестија со толкаво големо присуство.

(Ефто Пупиноски, пост на Фејсбук)

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...