Ефектите на трошењето јавни пари врз БДП се под очекуваните

За зголемување на ефикасноста на јавната потрошувачка и одржливоста на јавните финасии, потенцира тој, неопходно е претходно барем апроксимативно да се согледаат трошоците и ефектите од неговата реализација за секој буџетски проект што апсорбира, одвлекува големи буџетски средства, како и редовно во од да се следи, анализира и преиспитува ефикасноста на проектите кои се реализираат, а токму тоа кај нас не се прави.

225

Во земјава има многу ниска ефикасност на јавната потрошувачка, мерена според ефектите што ги дава врз Бруто домашниот производ, односно врз динамиката и квалитетот на  економскиот раст и развој, порачува академик Таки Фити.

– Ефикасноста на јавната потрошувачка во земјава, односно ефектите на јавните расходи врз БДП се незадоволителни и недозволено ниски. Ако се остави настрана режимот на девизниот курс што де факто е фиксен невообичаено долг временски период сите други фактори кои ја детериминираат ефикасноста на јавната потрошувачка имаат неповолно дејство – вели Фити.

Испитување на МАНУ за јавната потрошувачка за периодот од 2002 до 2014 година, додава, покажаа дека  ефектите од зголемувањето на сите видови јавни расходи се далеку под очекуваните, дека се многу ниски мултипликаторите на вкупните јавни расходи, односно далеку под еден и преовладуваат мултипликаторите со негативен предзнак што ја доведува во прашање ефикасноста на фискалната политика мерена од аспект на мултипликативните ефекти во економијата.

– Две работи се клучни за подобрување на состојбата – промена на структурата на јавната потрошувачка со фокус на капиталните  расходи и изградба на крупни инфраструктурни  објекти и втората која е врзана со одржливоста на јавниот долг, посочи академик Фити на јавната дискусија „Јавните финансии на крстопат“.

Капиталните инвестиции, потенцира, се извонредно значајни и треба да бидат приоритет, а Министерството за финасии и другите владини институции треба  да градат капацитети за добро менаџирење со нив.

– Капиталните инвестиции не се лоцирани само во Буџетот, туку и во јавните претпријатија. Едно е да се планираат, а друго е да се реализираат. Секогаш има проблем со нивната реализација,  бидејќи немаме доволно способност во јавната администрација за менаџиирање на капитални инвестиции. Потребни се добри физибилити студии и однапред да се предвидат низа работи во проектите кои можат да ги пролонгираат и поскапуваат како што се регулацијата на имотно-правните односи, еколошките проблеми и заштита на археолошките наоѓалишта покрај трасите што придонесува да не се реализираат со предвидената динамика. Тоа на еден или друг начин придонесува и за лошата структура на јавните расходи во Македонија  – рече Фити.

При тоа, нагласи, мултипликаторите од владината потрошувачка (вкупните јавни расходи намалени за износот на трансферите и јавните инвестиции) имаат повисоки негативни вредности.

– Атипични се и ефектите од капиталните расходи и со мали исклучоци се многу ниски и со негативен предзнак, а нивните ефекти со текот на времето наместо да се засилуваат се исцрпуваат и покажуваат се пониска економска ефикасност, посочи Фити.

Потребно е да се подобри структурата на јавната потрошувачка и состојбата на јавниот долг

Министерството за финасии не може да делува врз дел од факторите, но  може да дејствува и да ја подобри состојбата  кај структурата на јавната потрошувачка и состојбата на јавниот долг, цени академик Таки Фити.

– Македонија има неповолна и лоша структура на јавните расходи во која големо учество имаат платите и социјалните трансфери, додека останатите буџетски позиции, посебно капиталните инвестиции во инфраструктурни објекти имаат релативно мала застапеност. За жал ваквата структура тешко се менува и таа се репродуцира долги години наназад иако во последниве години е зголемена застапеноста на јавните инфраструктурни инвестиции во вкупните буџетски расходи, но сепак предвидените инвестиции тешко се реализираат. Буџетската позиција капитални трансфери е нагласено хетерогена и во себе инкорпорира бројни буџетски ставки од непродуктивен карактер – административни згради, фасади, луксузни ентериери, автомобили… – појаснува Фити и додава дека капиталните расходи поврзани со проектот „Скопје 2014“ имаа претежно непродуктивен карактер и значаен дел од тие средства завршија надвор од македонската економија.

За да се подобрат состојбите на страната на структурната јавна потрошувачка, порачува дека е неопходно да се преиспитаат приоритетите на јавните расходи и приоритет да добијат крупните инфраструктурни инвестициикако што се патишта,  железници, гасификацијата, енергетиката,..

– Тоа не е лесно со оглед на стеснетиот фискален простор и јавниот долг кој изнесува 48 отсто од БДП, а бруто надоврешниот долг надминува 75 проценти. За овие намени треба да се мобилизираат средства од буџетот, преку јавно-приватно партнерство, од структурните европски фондови, кредити од Светска банка, Европска инвестициска банка и Европската банка за обнова и развој. Неопходно е и подобрување на менаџирањето со овие инвестиции преку добри физибилити студии, благовремено решавање на проблемите кои можат да бидат фактор на пролонгирање на реализиацијата – вели Фити.

Кај јавниот долг, потенцира, имаме комплицирана состојба откао претходната влада ја напушти стратегијата за фискална строгост и го зголеми буџетскиот дефицит на 3,5 отсто. За период од шест години од 2008 до 2014 година јавниот долг се дуплираше и од 23 отстот но учество во БДП во 2008 година дојде до 46 отсто во 2014 година.

– Динамиката на пораст на буџетските дефицити и јавниот долг е неодржлива поради тоа што динамиката на пораст на јавниот долг оди далеку пред динамиката на пораст на БДП, а бруто надоворешниот долг на земјата надмина 73 отсто од БДП и според овој критериум земјата е високо задолжена. Затоа е неопходно да се запре тенденцијата на натамошен раст на јавниот долг со динамизирање на растот и сериозно и суштинско преиспитување на сите непродуктивни јавни трошоци и нивно кратење, а особено е важно да се преиспита одлуката за субвенционирање на одредени сектори, пред се земјоделството. Неопходно е и реформирање и консолидација на Фондот за пензиско осигурување и запирање на тенденцијата на раст на јавната администрација – порачува Фити.

За зголемување на ефикасноста на јавната потрошувачка и одржливоста на јавните финасии, потенцира тој, неопходно е претходно барем апроксимативно да се согледаат трошоците и ефектите од неговата реализација за секој буџетски проект што апсорбира, одвлекува големи буџетски средства, како и редовно во од да се следи, анализира и преиспитува ефикасноста на проектите кои се реализираат, а токму тоа кај нас не се прави.

Тој смета дека е неопходно да се анализираат трошоците и ефектите од спроведените политики за привлекување странски директни инвестиции во земјава, како и да се зголеми транспарентноста на Владата и нејзините агенции задолжени за ваквите политики.

– Треба да се анализираат и програмите за активни мерки на пазарот на трудот иако во земја како Македонија со голем број невработени не може априори да се отфрлат. Сепак,  треба да се направи комплексна анализа на трошоците и ефектите од овој вид политики особено што има анализи кои упатуваат дека во Македонија трошоците за отворање едно работно место се многу високи. Уште позначајно е да се утврди дали ваквите политики резултираат со креирање одржливи, трајни работни места или,  пак, тие згаснуваат за релативно краток временски период. Врз основа на тоа потребно е редизајнирање на одредени мерки и задржување на оние што даваат солидни ефекти, како и елиминирање на оние кај кои трошоците ги надминуваат ефектите – појаснува Фити.

Со подобар буџетскиот менаџмент до фискална консолидација

Македонија, според академк Таки Фити, е соочена со предизвикот за подобрување на буџетскиот менаџмент и со преиспитување на приоритетите на јавните расходи. Тоа, прецизира, претпоставува отворање процес на фискална консолидација, покривање на товарот на пензиската пасива и подобрување на трнспарентноста во сферата на јавните финасии.

– За фискална консолидација неопходнео е да се утврди јасна динамика,  односно сведување на  буџетските дефицити и на јавниот долг во прифатливи рамки за македонската економија. Консолидацијата може да се имплементира преку редуцирање на владината потрошувачка или преку зголемување на даноците или низ комбинација на двата пристапа. За Македонија би бил препорачлив пристапот на намалување на владината потрошувачка, вели Фити и потенцира дека реструктуирањето на буџетските трошоци на краток рок значи идентификација на буџетските позиции кои значат непродуктивна владина потрошувачка и нивно сторнирање веднаш.

На среден рок, потенцира, неопходно е да се направи објективна процена и фискална верификација на сите јавни расходи кои одвлекуваат големи средства преку користење на кост-бенефит анализа и утврдување на фискалните мултипликатори и да се проектира ризик за период не пократок од три фискални години.

– Сето укажува дека е неопходно подобрување на кадровската екипираност на Министерството за финасии со млади, способни, добро едуцирани кадри за макроекономска анализа, препорачува академик Таки Фити.

Фискалната стратегија 2019-2021 го осознава проблемот на генерирање доспеани, а неисплатени обрвски 

Finance Think, пак, го поздравува фактот што Министерството за финасии во Фискалната стратегија 2019-2021 го осознава, признава и елаборира проблемот на генерирање доспеани, а неисплатени обрвски од страна на државните органи, јавните установи, јавните претпријатија и општините, за што е донесен Закон за пријавување и евиденција на обврските, и смета дека со нивното редовно објавување од страна на Министерството ќе се оневозможи кумулирање на вакви обврски во иднина.

Сепак, смета дека и понатаму постои простор за понатамошно подобрување на фискалната стратегија и го охрабрува Министерството да продолжи кон понатамошно зацврстување  во делот на поставувањето на макроекономските проекции, како и да отпочне и со пракса за следење на остварувањето на Фискалната стратегија и оценување на отстапувањата во нејзината реализација.

– Иако постигнувањето среднорочен економски раст од пет отсто е легитимна цел, забрзувањето на растот на четири отсто во 2020 и пет отсто во 2021 година се чини со нагласени ризици. Надворешните ризици вклучуваат недоволно брз раст на странската побарувачка и неизвесност околу европските интеграции. Домашните ризици вклучуваат кревкост на политичкиот процес, недоволна реализација на капиталните инвестиции, недоволен поттик за инвестирање од приватниот сектор – велат од Finance Think.

Порачуваат дека која било проекција понудена од страна на Министерството за финансии треба да се базира на соодветно макроекономско моделирање, со цел да биде убедлива, со јасно артикулирање на сите претпоставки направени во врска со таквата проекција.

– Ова е особено важно во контекст на економскиот модел за развој на македонската економија, што во моментов е растргнат помеѓу целта за зголемување на новата вредност во економијата преку извоз и инвестиции, и целта за позасилена распределба на постојната вредност од побогатите кон посиромашните слоеви. Дури и при реализација на проектираните стапки на раст на економијата, зголемувањето на јавниот долг од моменталното ниво од близу пет милијарди евра на ниво од седум милијарди евра за четири години значајно ја компромитира неговата одржливост. Иако Стратегијата го поставува мастрихтскиот критериум на јавен долг од 60 отсто од БДП како горен лимит на задолжувањето, сепак таквата претпоставка е арбитрарна и лабава, и не се базира на детална анализа на тоа како структурните карактеристики на македонската економија може да ја симнат одржливата граница, порачуваат од Finance Think.

Во ситуација на значителен проектиран раст на јавниот долг и проектиран раст на БДП кој подлежи на нагорни ризици, додаваат, Стратегијата мора да изврши детална елаборација на тоа како ќе се трошат позајмените средства, особено оние над износите кои доспеваат за враќање, и да изврши проценка на ефектите од инвестираните средства врз економијата.

– Се чини дека главен недостаток на Стратегијата останува неможноста да изврши приоритизација на капиталните инвестиции и да даде квантификација на ефектите од нивната реализација. Македонија, со години наназад, е доведена во ситуација да инвестира јавни пари во многу проекти, но за најголем дел од нив ефектите остануваат непознати. Оваа пракса треба еднаш засекогаш да се напушти, велат од Finance Think и го повикуваат Министерството  да отпочне процес на среднорочно планирање на капиталните трошења.

Тоа, посочуваат, ќе даде одговор како се трошат парите од позајмувањата, колкави се ефектите од јавните инвестиции, како најефективно да се алоцираат ограничените средства за јавни инвестиции, и како изведбата на јавните инвестиции да не потфрла секоја година.

Јавниот долг ставен под контрола

После повеќе од 10 години јавниот долг е ставен под контрола, отплатени се дел од старите долгови, зголемена е рочноста на издадените државни хартии од вредност, намалена е каматната стапка и зголемена е довербата кај инвеститорите, истакна министерот за финансии Драган Тевдовски на јавната дискусија на Економскиот факултет насловена „Јавните финансии на крстопат“.

Тој посочи дека Владата успешно го менаџира јавниот долг и, како што рече, иако е наследен брзорастечки долг од претходната влада, новата Влада првпат после осум години успева да го намали долгот на годишно ниво.

– Владата планира постепена буџетска консолидација, со буџетски дефицит од два отсто на среден рок. Отплатени се стари долгови, подобрена е структурата на долгот преку зголемена рочност и пониски каматни стапки. Зголемена е и довербата на инвеститорите ако се земе предвид дека е издадена еврообврзница со историски најниска каматна стапка од 2,75 проценти, како и државна обврзница со рочност 30 години. Зголемената доверба се гледа и од извештаите на кредитните агенции, како на пример „Фич“ кој го подобри изгледот за рејтингот на земјата, рече Тевдовски.

Тој најави реформи во јавните финансии до крајот на годинава.

– Согласно Акцискиот план за спроведување на Програмата за реформи во управување со јавните финансии годинава ќе се подготви законската регулатива за нов систем за јавни набавки, за повеќегодишно буџетирање и претпополнета даночна пријава за олеснување на обврските на даночните обврзници. Во насока на зголемување на транспарентноста како една од најкрупните реформи која ќе се спроведе е објавување на Трезорот на веб, односно целосен увид на јавноста во сите расходи на државната каса во реално време – посочи Тевдовски.

За фискалната транспарентност рече дека е клучна алатка за подобрување на управувањето со јавните финансии.

– Досега се преземени 15 чекори за зголемување на увидот на јавноста во јавните финансии. Тие чекори се однесуваат на објавување на извештаи што досега не се објавувале, зголемување на фреквенцијата на објавување на податоците, јавна дебата за Буџетот, подобрување на веб-страницата на Министерството за финансии, јавно достапна платформа Отворени одатоци на Бирото за јавни набавки, изработка на граѓански буџети и приклучување на Македонија кон меѓународниот стандард за владини статистики на ММФ – појасни Тевдовски.

Тој нагласи дека е подобрена наплатата на даноци, како и дека значително е зголемен повратот на ДДВ што, како што кажа, ќе придонесе за подобра ликвидност на фирмите и нови инвестиции. Со креирањето на подобар систем за управување на јавните финансии, посочи, ќе се постигнат повисоки и одржливи стапки на економски раст.

– Владата активно работи на подобрување и унапредување на системот на управување со јавните финансии и направен е значаен чекор во подобрување на системот преку зголемување на транпарентноста, управањето со јавниот долг, подобрувањето на приходната страна и реформските закони – потецнира министерот за финасии. 

Капиталните инвестиции во Буџетот  во првото тримесечје од годинава се реализира со 7,4 отсто што е за 56,4 отсто помалку во однос на истиот период лани кога биле реализирани со 18,2 отсто. Сепак од економскиот тим на Владата се оптимисти дека до крајот на годинава нивната реализација ќе надмине 80 проценти.

Валентин Јанковски

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...