Европската Унија и Виетнам в недела ќе склучат трговска спогодба со која ќе се укинат речиси сите постоечки царински тарифи врз производите помеѓу двете страни.
– Ја поздравувам одлуката што ја донесоа денеска земјите членки на ЕУ. По Сингапур, договорите со Виетнам се вторите по ред меѓу ЕУ и земја од југоисточна Азија и претставуваат вовед во поголем ангажман меѓу Европа и регионот. Тоа е исто така и политички став на двајца партнери и пријатели кои се борат за отворена и фер трговија заснована на правила- изјави претседателот на Европската Комисија, Жан Клод Јункер на денешниот колеџ на еврокомесари.
Европската Комисија смета дека овој договор ќе донесе „бенефити без преседан“ за компаниите, работниците и потрошувачите од ЕУ и од Виетнам, и тврди дека трговскиот договор предвидува силна заштита на животната средина како и на работничките права.
Виетнам е вториот најголем трговски партнер на ЕУ во југоисточна Азија по Сингапур, а нивната трговска размена изнесува над 49 милијарди евра за производи и три милијарди евра за услуги.
– Многу сум задоволна што земјите членки ни дадоа зелено светло за нашата трговска и инвестициска спогодба со Виетнам, изјави еврокомесарката за трговија, Сесилија Малмстром и додаде дека освен економските бенефити, договорот има за цел да го зајакне почитувањето на човековите права, работничките права и на животната средина.
По Сингапур и Виетнам, Европската Унија има за цел склучување поопширни трговски спогодби со целиот регион од југоисточна Азија, познат како АСЕАН.