Министрите за надворешни работи на ЕУ размислуваат за можни таргетирани санкции против Турција поради нејзините активности во кипарските води, брифираат европските дипломати.
Европските држави и институции ја разгледуваат оваа опција веќе неколку дена, но денеска се нашла и на масата на редовниот состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ, иако прашањето не беше формално предвидено на дневен ред.
Министрите се договориле денеска да „работат“ на таргетирани мерки поради турското дупчење нафта во кипарските води, што во ЕУ се смета за нелегална активност и напад врз суверенитетот на Кипар.
Во оптек се таргетирани црни листи, но и можно замрзнување на преговорите за членство со Анкара и намалување или кратење на разните видови финансиска поддршка и заеми од ЕУ за Турција.
Според дипломатски извори, една од опциите е да се намалат за една третина ИПА фондовите за Турција, односно околу 145 милиони евра.