Шефот на европскиот преговарачки тим за Брегзит, Мишел Барние повика да се остане смирен и да се задржи фокусот врз „уредно“ напуштање на Обединетото Кралство на ЕУ.
Иако е постигнат напредок и се ближи можен краен исход од преговорите за првиот дел од Брегзит, спогодбата за повлекување на Обединетото Кралство, работата сѐ уште не е завршена, потсетија претпладнево челниците на Европската Унија.
– Се наоѓаме во одлучувачки момент, никој не треба да го изгуби од вид постигнатиот напредок во Брисел и Лондон – изјави Барние на прес-конференција.
Тој се заблагодари за поддршката на 27-те земји членки за пакетот за спогодбата за повлекување на Обединитото Кралство постигнато минатата недела.
– Европската страна треба сега да ги одреди внатрешните процедури и да се договори за продолжување на транзицискиот период – изјави шефот на преговарачкиот тим на ЕУ.
Во обид да се најде компромис, Барние вчера предложи можност дополнително да се продолжи транзицискиот период (кој начелно трае до декември 2020 со можност за едно пролонгирање), до 2022 година. За време на тој период, Лондон би продолжил да придонесува за европскиот буџет и да ги следи европските стандарди и правила, но не би имал повеќе европратеници ниту еврокомесар во извршната власт.
Според Барние, оваа идеја треба да обезбеди време за да се преговара вториот дел од Брегзит, а тоа е иднината на економските и трговските односи помеѓу двата блока.
Иако нема засега договор за оваа можност, според Барние „сите влади се согласни со принципот да се предвиди можност за пролонгирање“. Тој посочи дека такво продолжување ќе биде можно само еднаш.
Останува да се види како ќе реагираат земјите членки, како и Обединетото Кралство. Тврдите поддржувачи на Брегзит во Британија најверојатно би се спротиставиле на ваква можност со оглед на тоа дека сценариото предвидува дополнително финансирање и следење на европските правила, без можност да се учествува во носењето одлуки во ЕУ. Но и некои земји членки на ЕУ би можеле да се против оваа опција.
Следната недела шефовите на држави и влади треба да се состанат за Самит посветен на Брегзит на кој треба да се финализира спогодбата за напуштање и да се усвои политичка декларација.
– Разделбите никогаш не се лесни, но подобро е да се случат врз пријателска основа и да се изгради добар однос за иднината – изјави Гернот Блумел, австрискиот министер за ЕУ.