Овие два дена во Брисел земјите членки на Европска Унија, заедно со земјите од Источното Партнерство, одбележуваат десет години од неговото постоење.
По тој повод, денеска и утре ќе се одржат низа настани помеѓу земјите членки на ЕУ и земјите од Источното Партнерство (Азербејџан, Ерменија, Грузија, Молдавија, Украина и Белорусија).
Претставниците на шесте земји од Источното Партнерство денеска ќе одржат заеднички состанок со министрите за надворешни работи на Европската Унија под водство на високата претставничка за надворешна политика на ЕУ, Федерика Могерини и во присуство на комесарот Јоханес Хан. Утре, источните земји ќе остварат средби со претседателите Доналд Туск и Жан-Клод Јункер.
Целта на овие средби, како што наведе Европска Комисија, е да се процени напредокот остварен во работниот план „20 резултати до 2020“, кој предвидува пакет мерки и проекти за подобрување на економијата, демократијата, и општествата во овие источни партнерски земји.
Вечерва ќе се одржи и свечена вечера помеѓу министрите од шесте земји и Могерини и Јункер.
– Без оглед на проблемите и потешкотиите со кои сѐ уште се соочуваме во овој регион, нашето партнерство успеа да ја унапреди нашата работа во трговијата, економскиот развој, човековите права, улогата на граѓанското општество, либерализацијата на визите и многу други области, изјави утрово Могерини.