Европската Унија изрази загриженост во врска со притворањето голем број научници и активисти за човекови права во Турција и повика на нивно брзо ослободување.
– Денешното притворање во Турција на неколку истакнати научници и претставници на граѓанското општество е загрижувачко. Многубројните притвори на критичари и континуираниот притисок врз претставниците на граѓанското општество се контрадикторни на обврската на Турција за почитување на човековите права, се наведува во соопштение на Европската служба за надворешни работи, предводена од високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини.
Во соопштението се додава дека Турција веднаш треба да ги ослободи сите кои се притворени без фер судење.
Турската полиција денеска уапси 13 академици, деловни луѓе и новинари, во рамки на истрагата против затворениот бизнисмен и активист Осман Кавала.
Апсењата се спроведени во Истанбул и три провинции во симултани операции.
Полицијата ги испрашува уапсените за врските што ги имале со Кавала, филантроп и бизнисмен, кој е уапсен пред една година под обвинение за „обид за уривање на уставниот поредок и Владата“.
Против Кавала досега не е покренато официјално обвинение.
Полицијата трага по уште седум лица кои имаат врска со асоцијацијата на Кавала, која тврди дека го промовира мирот и правата на малцинствата преку културата