Европската унија во дијалогот меѓу Белград и Приштина прокламира решение кое не се заснова на идејата за етнички чисти држави, велат извори од кабинетот на високата комесарка на ЕУ за надворешна политика Федерика Могерини, за денешното издание на „Коха Диторе“.
Според истите извори, како што јавува дописникот на МИА од Приштина, правно обврзувачкиот договор за нормализација на односите меѓу двете земји треба да гарантира опстојно решение кое е во согласност со меѓународните закони.
Маја Коцијанчиќ, пртпаролка на Могерини, изјави за весникот дека Брисел е фокусиран на изнаоѓање решение кое ќе биде прифатливо за двете страни.
На прашањето за идејата на претседателот на Косово Хашим Тачи за корекција на границите, Коцијанчиќ рече дека не сака да ја коментира содржината на тековната расправа и упати на неодамнешната изјава на Могерини дека ЕУ ќе го поддржи „секое решение за кое ќе се договорат обете страни“.
– Ја знаете европската историја. Заснована е на надминување и спречување на идеите за етнички чисти држави – изјави Коцијанчиќ.