Европската Унија смета дека осудите против четворица опозициски парламентарци во Венецуела претставуваат кршење на правото на фер судење.
Карлос Папарони, Мигуел Пизаро, Франко Касела и Винстон Флорес, четворица лидери на опозицијата и членови на Националното собрание на Венецуела, се осудени за предавство од страна на Врховниот суд на Венецуела. Четворицата опозиционери, заедно со неколку други, се мета на судски процедури со недели.
ЕУ реагираше на оваа последна процедура и ја нарече погрешна.
Судските одлуки се дел од грубото кршење на правото на фер судење и се неправеден судски процес, тие исто така претставуваат јасни мерки на заплашување, чија цел е да се спречи политичката работа на Националното собрание. Ваквите мерки само дополнително придонесуваат кон поларизација на ситуацијата во земјата, стои во реакцијата на ЕУ.
ЕУ исто така бара целосно почитување на Уставот на Венецуела како и на имунитетот на парламентарците.
Осуммина дипломати од Европската Унија и четворица од јужноамерикански земји се наоѓаат денеска во Каракас во обид да посредуваат во политичката криза помеѓу режимот на Николас Мадуро и опозицијата во Венецуела.