Турската владејачка Партија на правдата и развојот (АКП) и нејзиниот коалициски партнер, Партијата на националистичкото движење (МХП) официјално ја доставија кандидатурата на актуелниот шеф на државата, Реџеп Тајип Ердоган, за учество на претстојните избори за претседател на Турција. Кандидатурата до Високата изборна комисија, во името на двете партии, ја доставија турскиот премиер Бинали Јилдирим и лидерот на МХП, Девлет Бахчели.
По доставувањето на кандидатурата, Јилдирим изјави дека предизборната коалиција меѓу АКП и МХП претставува „најсилен сојуз“. „Нашиот сојуз е со нашиот народ. Кога го избиравме нашиот кандидат, мислевме само на идната благосостојба и среќа на нашиот народ“, изјави Јилдирим.
Најголемата опозициска партија во Турција, пак, Републиканската народна партија (ЦХП) го избра пратеникот во турското Собрание, Мухарем Инџе, за нејзин претседателски кандидатат на претстојните избори. Инџе по изборот за претседателски кандидат на Конгресот на ЦХП, изјави дека тој нема да ги претставува само членовите на неговата партија, туку и сите 80 милиони жители на Турција.
Парламентарните и претседателските избори во Турција се закажани за 24 јуни годинава. Тие се особено важни бидејќи по нивното спроведување ќе стапат во сила уставните измени усвоени на ланскиот референдум, со кои Турција од парламентарна се трансформира во претседателска репубика. Согласно со уставните измени, претседателот на државата добива поголеми извршни надлежности и станува директен раководител на владата, а функцијата премиер се укинува. (Макфакс)