Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган денеска на самитот Г-20 во Осака имаше билатерални состаноци со претседателите на Русија и САД, Владимир Путин и Доналд Трамп.
Главна тема на состаноците беше испораката на руски одбранбени ракетни системи С-400 на Турција, на што Вашингтон се противи.
Руската агенција ТАСС пренесува дека Ердоган на состанокот со Путин порачал дека нема никакви одложувања во испораката на тоа оружје.
– Нема одложување во процесот на испорака – рече Ердоган.
Како што пренесуваат светските агенции, Трамп, пак, по состанокот со Ердоган изјавил дека САД се наоѓаат во „комплицирана“ ситуација околу тоа како да одговори на договорот меѓу Турција и Русија за испораката на С-400, истакнувајќи дека е разговарано и за можни санкции.
Сепак, Трамп изразил разбирање за ставот на турскиот претседател и ја обвини администрацијата на поранешниот американски претседател Барак Обама дека Турција ја условувале кога Анкара сакала да набави американски ракети „Патриот“.
– Бараме различни решенија. Тоа е проблем, околу тоа нема дилема – рече Трамп.
ФОТО: EPA / ALEXEY NIKOLSKY / SPUTNIK / KREM