Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган во телефонски разговор со неговиот американски колега Доналд Трамп му ветил дека „ќе ги уништи силите на Исламската држава“ во Сирија, јави ДПА.
Трамп на Твитер објави дека Ердоган „многу убедливо го информирал оти ќе ги уништи сите остатоци на ИД во Сирија“.
– Тој е човекот кој може да го стори тоа, бидејќи Турција е најблиску до таму. Нашите војници се враќаат дома – се наведува во објавата на Трамп на Твитер.
Кабинетот на Ердоган објави дека двајцата претседатели во разговорот се договориле да продолжи блиската воена и дипломатска координација со цел да спречат појава на вакуум на власта во регионите под контрола на силите на сириските Курди, како и да оневозможат „некој да го искористи“ повлекувањето на американските војници од Сирија.
Ердоган на Твитер објави дека разговорот со Трамп ќе има позитивно влијание врз односите меѓу Турција и САД.
– Со претседателот на САД Доналд Трамп имавме продуктивен разговор за време на кој се договоривме да ја развиваме соработката во различни сфери – од трговските односи до Сирија. Мојата желба е нашите односи да имаат позитивно влијание врз нашите земји и нашиот регион – се неведува во објавата на Ердоган на Твитер.
Тој во разговорот изразил задоволство од чекорите што ги презеде Вашингтон за борба против тероризмот во Сирија и нагласил дека Турција е подготвена на секаков начин да ги поддржи САД на тоа поле.
Трамп синоќа го потпиша указот за повлекување на американските сили од Сирија. Според американски и официјални претставници, предвидено е над 2.000 американски војници да се повлечат од Сирија во следните 60 до 100 дена.
ФОТО: EPA / ERDEM SAHIN