Европа немаше да ужива на ова ниво на безбедност и мир, ако не беше желбата на Турција да ги спречува брановите бегалци што доаѓаат до нејзините граници, изјави турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган.
– Ако европските земји денес живеат во мир, тоа е благодарение на Турција која згрижи четири милиони бегалци – рече Ердоган.
Во 2015 година, ЕУ се согласи да и плати на Турција три милијарди евра, а за возврат Анкара се обврза да обезбеди засолниште за бегалците и да го запре бранот кон Европа. Една година подоцна беше потпишан формален договор помеѓу Анкара и Брисел, согласно кој секој мигрант кој нелегално ќе влезе на европска територија ќе биде вратен во Турција.
Сепак, двете страни продолжуваат да спорат за точниот број на бегалци во Турција и колку пари се неопходни за задоволување на нивните потреби. Минатата година ЕУ објави дека во Турција има околу два милиони имигранти, додека владата на Ердоган инсистира на тоа дека нивниот број е двојно повисок – околу четири милиони.
ФОТО: EPA / ALEXEY NIKOLSKY / SPUTNIK / KREM