Европскиот Парламент предложи да прекинат преговорите на Турција за членство во Европска унија.
ЕП е силно вознемирена од фактот дека Турција систематски продолжува со кршење на човековите права, не ги почитува законите и ја ограничува слободата на медиумите, се наведува во соопштението од ЕП.
Европарламентарците денеска со 370 гласови „за“, 109 „против“ и 143 „воздржани“ ја изгласаа резолуцијата со која се поздравува минатогодишната одлука на Турција да ја укина вонредната состојба, што беше воведена по неуспешниот државен удар во 2016 година.
Во резолуцијата се наведува и дека ЕП не го одобрува зајакнувањето на власта на претседателот на Турција, Реџеп Тајип Ердоган со што се ограничуваат човековите права во земјата. Европратениците изразуваат загриженост и поради масовното затворање на новинари, активисти и заштитници на човекови права.
Поради сето тоа ЕП предложи да прекинат преговорите Турција – ЕУ.
ЕП ја повика Турција да ги исполни 72 одредници кои се неопходни за визна либерализација.
Преговорите помеѓу Брисел и Анкара за членство на Турција во ЕУ почнаа во 2005 година.