Откако Градскиот институт за јавно здравје во средата објави епидемија на грип во Белград и во три окрузи – Пиротскиот, Мачванскиот и Златиборскиот, вирусот на грип е регистриран и во поголемиот дел од Србија, јави дописникот на МИА од Белград.
Најповеќе се заболени деца од 5 до 14 годишна возраст и хронични пациенти, и се е поголем бројот на оние кои кашлаат, киваат и имаат висока температура и респираторни инфекции или грип.
Проф. Д-р Дарија Кисиќ Тепавчевиќ од Институтот за јавно здравје „Д-р Милан Јовановиќ Батут“ за РТС изјави дека епидемиолошката состојба на грип е вообичаена во овој период од годината.
– Регистрирана е висока активност на вирусот на грип, но тоа е целосно очекувано. Неколку региони во нашата земја и градот Белград пријавија епидемија. Ова значи дека бројот на пациенти е квантитативно повисок од очекуваниот, врз основа на бројот на пациенти во претходните недели, но тоа е во согласност со она што се очекува во овој период од годината – истакна Тепавчевиќ Кишиќ.
Според неа, најголема зачестеност на болеста е кај возрасната група од пет до 14 години.
Оваа година, според неа, одличен е одзивот на вакцинација против грип, дури и повеќе од претходната година.
– Општо земено, кога станува збор за смртни случаи од вирусот на грип, многу е тешко да се проценат, бидејќи претежно компликации доживуваат луѓе кои веќе имаат некои хронични заболувања и кои се веќе животно загрозени. До сега во Србија е потврден вирусот на грип кај две лица кои починаа – истакна д-р Кишиќ Тепавчевиќ.