Секретаријатот на Енергетската заедница денес ги повлече поднесените барања за спорови против Република Македонија, информира кабинетот на вицепремиерот Кочо Анѓушев.
„По серија на јавни расправи во кои беа вклучени сите засегнати страни, во транспарентна постапка, Собранието на 21-ви мај 2018 година го донесе новиот Закон за енергетика, во кој се транспонирани ЕУ директивите и регулативите на Третиот енергетски пакет. Со новиот закон се враќа основното човеково право на избор на потрошувачот од кого ќе се снабдува со енергија, а воедно и се исполнуваат условите за отворање на пазарот на електрична енергија, што ќе донесе поголема конкуренција и подобар квалитет на услугите на граѓаните на Република Македонија“, се вели во информацијата од кабинетот на вицепремиерот за економски прашања.
Преку креирање на новото законско решение, се вели во соопштението, Владата недвосмислено покажа политичка волја и посветеност за спроведување на реформите во енергетскиот сектор.
Потсетуваме дека овој суштински закон требаше да биде донесен најдоцна до 1 јануари 2015 година, а поради ненавременото исполнување на превземените обврски од Европската Унија и не транспонирање на Третиот енергетски пакет, Секретаријатот на Енергетската заедница имаше покренато постапки за спорови кон Република Македонија:
„Спор 2/15, отворен од Секретаријатот на Енергетска заедница, за неуспех за транспонирање и имплементирање на одредбите за отворање на пазарот на електрична енергија. Рокот за отворање на пазарот согласно Договорот за основање на Енергетската заедница е 1 јануари 2015 година за сите потрошувачи (вклучувајќи ги и домаќинствата);
Спор 9/16, отворен од Секретаријатот на Енергетска заедница, за неусогласување со Договорот за основање на Енергетската заедница, односно нетранспонирање и неимплементирање на Третиот енергетски пакет до утврдениот рок од 1 јануари 2015 година“, информираат од владата.