Британските филмски ѕвезди Ема Томпсон, Том Харди и Кира Најтли и добитникот на Нобеловата награда за книжевност Казуо Ишигуро се наоѓаат на списокот на јавните личности што добија одликување во име на британската кралица Елизабета Втора.
Во чест на роденденот на кралицата
Листата на добитниците на одликувањето за заслугите, добрата служба и храброста е објавена во петокот. Во соопштението на Британскиот кабинет стои дека наградите на добитниците ќе им ги врачи британската кралица Елизабета Втора или некој друг висок функционер од кралското семејство на церемонијата во Бакингемската палата.
Одликувањата беа доделени во чест на официјалниот роденден на Елизабета Втора, што во саботата со свечена парада во Лондон и со други манифестации се обележа ширум Велика Британија.
Дама Ема
Меѓу добитниците се истакнати поединци и јавни личности, како оскаровката Ема Томпсон (59), која со децении е под будното око на јавноста, но и на заслужните граѓани во хуманитарното работење и другите области.
Ема Томпсон ќе стане дама Ема, што е признание за жените во рангот на витези. Ема Томсон е позната по улогите во филмовите „Разум и чувствителност“ и „Крајот на Хауард“ за која доби два престижни Оскари. Позната е и како телевизиска и како театарска актерка, но и како сценаристка и писателка.
Актерката Кира Најтли, позната по улогите во филмовите „Пиратите од Карибите“ и „Гордост и предрасуди“, исто така, ќе добие одликување од британската кралица.
Казуо Ишигуро ќе добие признание за придонес во книжевноста.
– Многу ме трогна ова признание од државата која ме прифати кога бев мало момче – рекол Ишигуро, кој е роден во Јапонија.
Тој е британски романописец, сценарист и писател на кратки приказни. Неговото семејство се преселило во Велика Британија кога имал само пет години. Ги напишал делата „Остатоци од денот“, „Закопаниот џин“, „Бледиот поглед на брдото“.
Актерот Том Харди, ѕвездата на филмот „Почеток“ (Inception) и на други познати филмски остварувања, ќе добие признание во име на круната за придонес на британската кинематографија.
Поранешниот фудбалер на Ливерпул и менаџер Кени Далглиш (67), исто така, е одликуван за придонес во фудбалот, како и за хуманитарното работење во градот Ливерпул.
Најстарата добитничка е медицинската сестра Розмери Повел (103), која со хуманитарна работа се занимава веќе 97 години.
Меѓу одликуваните и параскијачката Фицпатрик
Најмладата добитничка на одликувањето е 20-годишната алпска параскијачка Мена Фицпатрик, која беше најуспешна британска натпреварувачка на Зимските олимписки игри 2018 година.
ФОТО: EPA/WILL OLIVER