ЕЛЕМ продаде вишоци електрична енергија за 6,56 милиони евра

77

АД „Електрани на Македонија“ во петокот на аукција продаде 99.400 мегават часови вишоци електрична енергија по просечна цена од 66,01 евро по мегават час во вкупна вредност од 6.561.055 евра.

– АД ЕЛЕМ продаде електрична енергија за четвртиот квартал од годинава, поточно за октомври, ноември и декември и тоа 88.360 мегават часови базна енергија за периодот октомври, ноември и декември, и 11.040 мегават часови врвна енергија во работните денови за октомври. На аукцијата беа понудени по 40 мегавати базна и врвна енергија. Учествуваа седум компании, и по повеќе наддавање, се дојде до пресечна цена од 66,01 евра по мегават час, изјави директорот за производство на АД ЕЛЕМ, Благојче Трповски.

Појасни дека на аукцијата се продаде базна енергија во износ од 88.360 мегават часови по цена од 63,25 евра и 11.040 мегават часови врвна енергија по цена од 73,10 евра за маегават час. Нагласи дека во тој период на регионалната Унгарска берза на електрична енергија (HUPX), цената за базна енергија за третиот квартал изнесуваше 65,40 евра за мегават час, а на врвна енергија за октомври 76,50 евра за мегават час.

– Ова е веќе шеста аукција преку која АД ЕЛЕМ годинава продаваше вишоци електрична енергија на отворениот пазар. Досега се продадоа 319.960 мегават часови електрична енергија во вкупна вредност од 18.156.693 евра. Во наредниот период ќе се насочиме повеќе да ја осигураме енергијата која е потребна за тарифните потрошувачи и согласно со хидролошките и температурните прилики ќе видиме дали ќе можеме да продолжиме со продажба на вишоци на електрична енергија, рече Трповски.

Прашан дали ЕЛЕМ е подготвен да понуди енергија за универзалниот снабдувач со електрична енергија, Трповски рече дека тоа е нивна законска обврска.

– Подготвени сме и веќе правиме планови како да настапиме за да можеме нормално да ја завршиме нашата законска обврска и истовремено на универзалниот снабдувач да му обезбедиме евтина енергија. Ние и досега работевме со регулирана тарифа која во еден дел од годината беше 41 евро, а со најновата одлука е 39 евра по мегават час. Со разликата во цена што ја постигнуваме на слободниот пазар може да се заклучи дека сме во можност тоа да го постигнеме, рече Трповски.

Нашата цел, нагласи, е да постигнеме евтина електрична енергија и за универзалниот снабдувач, а со тоа и за домаќинствата.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...