АД ЕЛЕМ подготвено ќе ја дочека новата грејна сезона затоа што навреме почна со ремонт на трите блока во РЕК „Битола“, најави Драган Миновски, генерален директор на АД ЕЛЕМ.
За време на денешната работна посета на најголемиот производител на електрична енергија во државата, Миновски посочи дека АД ЕЛЕМ, од Регулаторната комисија за енергетика ќе побара определување на максималниот регулиран приход и намалување на цената на електрична енергија за 1,5 насто.
– Во минатиов период АД ЕЛЕМ работеше одлично и постигна позитивни финансиски резултати. Домаќинското работење и намалените трошоци, одговорното работење на менаџментот и оптималното искористување на производните капацитети, продажбата на вишоци на електрична енергија и други успеси, ни овозможија АД ЕЛЕМ да побра од Регулаторната комисија намалување на цената на електричната енергија за 1,5 проценти за 2018 година. Верувам дека со оваа одлука ќе не следат и другите енергетски компании и дека ќе има позитивни ефекти за сите граѓани на Република Македонија – рече Миновски.
Тој потврди дека оваа година ремонтните активности во РЕК „Битола“ почнаа навреме и се очекува дса завршат за неколку месеци.
– Во моментов се одвиваат ремонтни активности на Блокот 1, а потоа ќе следуваат и ремонтните активности на блоковите 2 и 3 се со цел подготвени да ја дочекаме грејната сезона и во зимскиот период да бидеме во функција трите блока. Во моментов на депонијата за јаглен имаме околу 280.000 тони подготвен откопан јаглен, со што се гарантира зголемено производство на електрична енергија, но исто така и безбедна и сигурна работа, како на РЕК „Битола“, така и на електроенергетскиот систем на Република Македонија – потенцира Миновски.
На прес конференцијата во РЕК-Битола, генералниот директор на овој комбинат Васко Ковачевски, истакна дека за ремонтните активности на трите блока ќе бидат вложени околу 10 милиони евра.
– Ремонтните активности на Блокот 1 во РЕК „Битола“ почнаа на 10 мај и очекуваме до средината на октомври да завршат сите ремонти, вклучувајќи ги и Блок 2 и Блок 3. Со новиот начин на менаџирање и принципите што ги воспоставивме значително ги намаливме трошоците во РЕК „Битола“. За комплетниот ремонт на блоковите планираме да инвестираме над 600 милиони денари или околу 10 милиони евра – рече Ковачевски.
Генералниот директор на АД ЕЛЕМ и генералниот директор на РЕК „Битола“ на Стојан Ристевски вработен во 1979 и на Љупчо Василевски, вработен во 1980, двајцата најстари и со најголем стаж вработени во фирмата, им врачија пригоден подарок.